Конечната ранг-листа ќе биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидати ќе биде на 3 и 4 септември

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје на 18 и 19 август (вторник и среда) ќе се одржи првиот рок за пријавување на кандидатите за запишување во прва година студии во академската 2026/2027 година. На најстариот и најголем универзитет во земјава слободни се вкупно 8 851 место на 23 факултети.
Конечната ранг-листа ќе биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидатите ќе биде на 3 и 4 септември.
Вториот рок за пријавување за упис на УКИМ ќе биде на 10 и 11 септември, и третиот на 23 септември на факултетите на кои ќе останат слободни места.
Според објавениот Конкурс, слободни места во првиот рок има за 4 395 редовни студенти во државна квота кои се финансираат од Буџетот, 3 621 место за редовни студенти со кофинансирање кои плаќаат школарина и 835 места за вонредни студенти.
Најголем број студенти на разни студиски програми ќе примат Медицинскиот факултет – 950, ФИНКИ – 800, а ФЕИТ и Машински по 600. На Природно-математичкиот има 626 места, на Економски 655, на Правен 555, Филозофски 635 и на Филолошкиот факултет 805 места.
Студентите во државната квота се запишуваат со плаќање надомест за студиите, во износ од 200 евра во денарска противвредност, студентите во квотата за кофинансирање и вонредните плаќаат школарина од 400 евра.
Пред пријавувањето во роковите утврдени со конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од системот iKnow. Бројот што кандидатот автоматски го добил од системот за електронското пријавување треба да се внесе и во пријавата што се поднесува при пријавувањето за запишување. Пријавувањето се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултет.
Во конкурсот на УКИМ се наведени условите и критериумите за запишување, документите што треба да се поднесат, начинот на селекција на кандидатите, појаснето е како се пресметуваат поените од општиот успех и од успехот постигнат на државната матура или државна стручна/ уметничка матура.
Конкурсот содржи и листа на екстерни и на интерни предмети од државната матура соодветни за пријавување за запишување на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
