Како што се додава сите коалициски партнери ја споделуваат определбата Владата да продолжи со засилено темпо во реализацијата на програмските приоритети и реформите кои се очекуваат од граѓаните

Првата фаза од консултациите меѓу коалициските партнери за претстојната реконструкција на Владата помина во конструктивна атмосфера, а конечните решенија и позиции се очекува да бидат утврдени во првата половина од наредната недела. Ова го брифираат од Владата по средбите што премиерот Христијан Мицкоски ги имаше изминатите два дена со коалициските партнери од Влен и ЗНАМ.
Од Владата нагласуваат дека процесот не е воден од партиски или персонални интереси, туку неговата примарна цел е дополнително зајакнување на институционалниот капацитет и поефикасна реализација на владината програма.
За време на разговорите, биле потврдени принципите кои премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги соопшти во своето обраќање во Струмица – одговорност и резултати, достапност на функционерите до граѓаните и бескомпромисна посветеност на интересите на народот.
Како што се додава сите коалициски партнери ја споделуваат определбата Владата да продолжи со засилено темпо во реализацијата на програмските приоритети и реформите кои се очекуваат од граѓаните.
Според најавите, веќе од утре следуваат финалните консултации на кои детално ќе се разгледаат и потврдат конечните кадровски решенија.
Од Илинденска бр. 2 ветуваат дека по завршувањето на целиот процес, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за сите донесени одлуки.
Се додава и дека сите министри и функционери мора да останат отчетни за својата работа, бидејќи крајната цел е подобар животен стандард, економски развој и исполнување на стратешките цели на државата.
Очекувањата на премиерот Мицкоски, што ги кажа вчера, се дека најдоцна до 1 јули списокот со новиот владин кабинет да се најде пред пратениците во Собранието.
Мицкоски истакна дека во интерес на процесот нема да коментира конкретни кадровски имиња, но потврди дека се разгледуваат секакви опции, вклучително и промена на ресори.
Премиерот најави дека реконструкцијата нема да запре во министерските кабинети, туку во текот на летото ќе продолжи на локално ниво, каде што се скенира работата на директорите на јавните претпријатија и на подрачните единици.
