Мигрантите, кои останале во возилото што возачот го оставил на патот Куманово-Скопје, сега се сместени во прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија
Во товарно возило, оставено на патот Куманово-Скопје, се откриени 43 мигранти од неколку земји, откако возачот имал сообраќајна незгода и избегал од местото на настанот.
Од МВР соопштија дека вчера 07.50 часот, на автопатот Куманово – Скопје, на наплатна станица „Миладиновци“, товарно возило „ивеко“ со скопски регистарски ознаки, управувано од засега непознат возач, удрило во бетонски столб на една од кабините.
По незгодата, возчот побегнал од местото, а при преглед во возилото, во товарниот дел биле пронајдени 43 мигранти од кои 13 од Бангладеш, 11 од Пакистан, 10 од Сирија, пет од Авганистан и четворица од Турција. Во незгодата, едно лице се здобило со телесни повреди.
За настанот е известен јавен обвинител, а мигрантите биле сместени во прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.