Молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија, информира ИЈЗ
Направен е увид на подлогите за работа, реагенсите и антибиотиците за антибиограм, од комората и фрижидерот кои беа исклучени од електрично напојување, информира Инстиутот за јавно здравје. Во текот на вчерашниот ден , како што велат од ИЈЗ се направени сите неопходни микробиолошки анализи за проверка на квалитетот и исправноста, а за добивање резултати биле потребни 24 часа.
„На ден 02.08.2024, прочитани се добиените резултати и согласно истите се установи дека молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија,“
соопштија од ИЈЗ.

Од ИЈЗ известуваат и дека се преземени дополнителни мерки за унапредување на биолошката сигурност, а раководството најавува дека ќе ги имплементира сите работни процедури во насока на подобрување на безбедноста како и унапредување на квалитетот на услугите.
На Одделот на микробиологија, на ИЈЗ биле исклучени еден фрижидер и една комора во посебна соба. Инцидентот се случил во средата, а директорката Марија Андоновска кажа дека таа била известена од страна на вработените. Андоновска се сомнева дека станува збор за саботажа бидејќи ислучувањето било директно од бушоните.
„Колку што сум известена, во овие фрижидери, т.е. во оваа комора се чуваат доста значајни реагенси кои би детектирале низа заболувања. Ние при самото наше доаѓање констатиравме дека се исклучени директно од бушони, има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел и отворени се разводните табли. Тоа е претпоставка, ние оставаме тоа да се испита, дали е случајно, дали е намерно, оставаме да се испита“,
рече Андоновска.
За случајот по допрен глас предмет отвори и Јавното обивнителство.
„Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена“,
соопшти Обвинителството.