Сите новозаразени пациенти со коронавирус во земјава биле во контакт со веќе заболени лица кои, пак, најверојатно се инфицирале надвор од земјава, информира извор од Министерството за здравство.
Тој посочува дека во Македонија засега нема автохтоно жариште на коронавирусот и сите заразени пациенти се поврзуваат со веќе познати групи заболени лица.
Бројот на заразени од ковид-19 во земјава денеска достигна 136 лица, откако во последниве 24 часа беа дијагностицирани уште 22 нови случаи.
Случаи по градови: Скопје (81), Дебар (40), Штип (7) Куманово (3), Кавадарци (2), Охрид (2) и Гостивар (1).
Двајца пациенти, една жена од Куманово и маж од Дебар починаа.
63-годишниот маж од Дебар почина синоќа на Клиниката за инфективни болести во Скопје, откако нагло му се влошила состојбата. Претходно почина и 57-годишна жена од Куманово, која при тестирањата покажувала негативни резултати, а откако била тестирана и посмртно, се покажала позитивна на ковид-19.