„Како да не се научија грешките од минатото, дали на повидок е уназадување на правата што произлегуваат од колективните договори. Со заклучок од седница на Влада, министерот за финансии повторно ќе одлучува кој ќе може, а кој не да склучи колективен договор. Вака ли ќе градиме социјален дијалог“, се вели во реакцијата на Синдикатот
Некој повторно сака да ги ограничи преговорите и потпишувањето на колективните договори, реагираат од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) на заклучокот од минатонеделната владина седница со кој се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да бараат мислење од Министерството за финансии.

На фејсбук-профилот на Синдикатот на УПОЗ се вели дека на повидок е суспендирање на колективните договори.
„Како да не се научија грешките од минатото, дали на повидок е уназадување на правата што произлегуваат од колективните договори. Со заклучок од седница на Влада, министерот за финансии повторно ќе одлучува кој ќе може, а кој не да склучи колективен договор. Вака ли ќе градиме социјален дијалог“,
велат од Синдикатот на УПОЗ.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска минатата недела рече дека, покрај усвоениот ребаланс на Буџетот, Владата усвоила и неколку заклучоци, со кои буџетските корисници се задолжуваат при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во Буџетот за тековната година и утврдените минимални износи за расходи на среден рок. Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори се задолжуваат претходно да побараат мислење од Министерството за финансии.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нови вработувања во здравството ќе има, но дека до крајот на годината нема да се покачат платите на здравствените работници и нема да се потпише нов колективен договор.