Претседателот на ССМ, за време на протестот, бил примен во Собранието, и покрај тоа што е неделаи законодавниот дом вообичаено не работи. Таму добил ветување дека од почетокот на 2022 година најголем број работници нема да работат во недела
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска излезе на протест пред Собранието и пред Стопанската комора на Северна Македонија во израз на незадоволство од неизгласувањето на законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден и со барање минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата, а со тоа и спирално зголемување на сите други плати согласно колективните договори.
ССМ бара од пратениците да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за работни односи со кои се прогласува недела за ден за одмор, измена и дополнување на Законот за минимална плата, потпишување на општ колективен договор за јавен сектор и општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, испрати порака до пратениците дека не може вторпат да не го усвојат законското решение за недела неработен ден.
„Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист“,
порача Димовски.
Тој потсети и на барањата за зголемувањето на минималната плата. Поради ценовните шокови на прехранбените продукти, Димовски истакна дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечна плата, односно 18 000 денари.
„Исто така, потребно е и другите плати да растат, бидејќи се зголемија животните трошоци и затоа е неопходна примената на колективните договори по сектор или гранка, со цел да не дојде до израмнување на платите“,
истакна претседателот на ССМ и додаде дека од 30 000 работници со минимална плата, бројката сега достигнала до 110 000 и побара исплата на регрес за сите работници.
Протестот продолжи кон Организацијата на работодавачи и Стопанската комора, а во меѓувреме претседателот Димовски, како што јави МИА, бил примен во Собранието.
По средба со пратениците кои биле присутни во законодавниот дом, и покрај тоа што е недела, Димовски соопштил дека добиле ветување оти недела неработен ден ќе биде изгласан наредната недела и законското решение ќе почне да важи од 1 јануари.