Законот помина во второ читање на собраниската комисија, а министерката очекува законот да се усвои и на пленарна седница бидејќи е во интерес на 92 отсто од работниците во земјава
Законското решение, кое предвидува недела да биде ден на неделен одмор, ќе почне да се применува од 1 јануари наредната година. Ова со заеднички комисиски амандман го одлучија пратениците на денешната седница на собраниската Комисијата за труд и социјална политика, каде што предлог-законот за работните односи помина во второ читање, соопштија од кабинетот на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
„Со ова решение ги штитиме правата и на оние осум проценти од работниците што поради виталноста на дејноста или технолошкиот процес мора да работат во недела, со тоа што се превидува дневница поголема за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена. За вработените во трговијата, каде што исто така има одредени исклучоци, додатокот на плата е во висина од 100 проценти, значи двојно повисока дневница во недела“,
рече Шахпаска која присуствуваше на седницата на собраниската комисија.
Министерката нагласи дека очекува законот да се усвои и на пленарна седница бидејќи е во интерес на 92 отсто од работниците во земјава.