Држава која сака да ги почне преговорите со ЕУ треба да биде пристојна, а со вакви механизми е слаба држава во која има опасност од злоупотреба на статусот на владејачката партија, вели Гордана Силјановска Давкова
Условите се созреани, институциите функционираат, веќе немаме квалификација на заробена држава и време е да го тргнеме она што значи техничка влада, оценува Снежана Калевска Ванчева
Моделот на Пржинска влада е неуставен, никаде во Уставот нема дека треба преодна влада, дополнителни министри. Не е тоа влада која ќе овозможи фер и демократски избори, администрацијата да биде непристрасна, туку арена за блокади и треба да се тргне, изјави во „Вин вин“ на Телма, професорката и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова. Таа потенцираше дека држава која претендира да биде дел од ЕУ треба расчисти со ваквите слаби механизми за кои, како што рече, се покажа дека власта ги злоупотребува.
Држава која сака да ги почне преговорите со ЕУ треба да биде пристојна, а со вакви механизми е слаба држава во која има опасност од злоупотреба на статусот на владејачката партија. Сетете се само на случајот со Рашела Мизрахи, иако невозможно е да смените технички министер, бидејќи тоа беше резултат на одредбите“,
рече Силјановска.
Таа нагласи дека Пржинската влада, која беше само за 2016 година, мора да биде укината во парламентот, да се вратат роковите од Уставот и конечно да почне да се следат препораките на Венецијанската комисија за Изборниот законик.
„Венецијанска комисија, а ни ЕУ, не се мешаат во изборниот модел. Ттој извира од амбиентот во една држава и целите кои ги поставила. СДСМ даде ветување за една изборна единица коалицирање со помалите партии“,
рече Силјановска, посочувајќи дека може да се разговара и за изборен праг, кога станува збор за пропорционален изборен модел.
Во дебатата на Телма, пратеничката на СДСМ Снежана Калевска Ванчева рече дека ставот на нејзината партија во врска со Пржинската влада е конзистентен и дека треба да постои консензус помеѓу сите политички чинители, особено оние застапени во парламентот.
„Она што се случуваше 2016 година е преседан, но да видиме зошто беше потребна пржинската влада. Еднаш треба да сфатиме дека партијата не смее да биде институција. Ние имавме партизирани институции, заробени институции и заробена држава, по дефиниција од меѓународните институции. Затоа дојдовме во ситуација да воведеме нешто што е надвор од нашиот Устав и требаше да биде еднократно“, .
истакна Калевска,
Таа нагласи дека СДСМ апсолутно поддржува предлогот да дојде на дневен ред и да се отвори прашањето, по што сите треба да се согласат.
„Аргументите се за укинување на Пржинската влада и со тоа покажуваме дека времето е созреано, институциите функционираат, веќе немаме заробени институции, немаме квалификација на заробена држава и време е да го тргнеме она што значи техничка влада. Да овозможиме избори во рок од 60 до максимум 90 дена, кои ги организира владата што е актуелна, како што е во целиот нормален демократски свет. Сите останати политички партии ќе го сфатат ова и на крајот ќе има консензус со вистински аргументи, зашто треба да се поддржи таквото законско решение. Атмосферата е зрела за отворање вистинска дебата да видиме што на ова општество му е најфункционално во смисла на парламентарна демократија. Мора да се отвори широка и експертска дебата. И тоа во Собранието како највисок законодавен дом, каде што сите прашања поврзани со изборите, со политиките, законите мора да бидат отворани и затворани“,
рече Калевска.