Иако имаше повеќе укажувања дека предвидениот модел на преодна влада е во колизија со Уставот, посебно во ситуација кога станува збор за вонредни парламентарни избори, за владејачкиот табор се спорни мотивите поради кои опозицијата сега бара укинување на концептот, кој првпат беше испробан во политички кризната 2016 година
Политичката владата на СДСМ и на ДУИ ќе ги организира следните парламентарни избори, сеедно дали би биле вонредни или редовни, а актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе биде забележан како „последен преоден премиер“, во случај да помине предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за „уривање“ на т.н. пржинска влада.
Откако опозицијата ја официјализира иницијативата, доставувајќи ја во Собранието како предлог-измени во Законот за Владата, во политичката арена се наѕира начелен консензус преодната влада да стане „историја“, ама доминира ставот дека нема потреба од брзање.
За владејачките партии е спорен мотивот поради кој опозицијата иницира укинување на т.н. пржинска влада (која се избира 100 дена пред парламентарни избори). Иако генерално се согласни дека во перспектива треба да се размислува за таа опција, владејачкиот табор инсистира на тоа дека нема да има вонредни, туку редовни избори за пратеници во 2024 година.
Техничката влада беше воведена како модел за време на преговорите меѓу партиите во Пржино, за излегување од големата политичка криза по откривањето на аферата со масовното нелегално прислушување, односно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година. Оттогаш во земјава имаше две преодни влади, кои значително го надминаа предвидениот мандат од сто дена: Мандатот на првата преодна влада на Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ беше продолжуван поради големите политички превирања кои доведоа до одложување на терминот за одржување на парламентарните избори во 2016 година. На втората преодна влада на Оливер Спасовски од СДСМ, пак, „рокот“ ѝ беше продолжен поради ковид-кризата, која исто така предизвика одложување на изборите во 2020 година.
Во последните години имаше повеќе укажувања дека предвидениот модел на преодна влада е во колизија со Уставот, посебно во ситуација кога станува збор за предвремени парламентарни избори: Наспроти предвидените 100 дена мандат на техничката влада, Уставот предвидува предвремени избори да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на парламентот.
Техничката влада како концепт е предвидена и со Изборниот законик, кој исто така би требало да се менува во овој дел, доколку поминат предложените измени на Законот за Владата. И во двата случаи се потребни минимум по 61 глас во парламентот, со тоа што се инсистира изборните правила во кој било случај да се менуваат со политички консензус.
Законското решение предвидува преодниот премиер да биде од редовите на владејачката партија, но тоа да не биде личноста што ја предводела политичката влада, така што воведувањето на овој концепт во почетокот на 2016 година предизвика оставка на Никола Груевски од челното место во извршната власт. Од тие причини, во почетокот на 2020 година година оставка поднесе и Зоран Заев, но за разлика од Груевски, тој се врати на премиерската функција во септември истата година.
Во пржинската влада, опозицијата номинира свои кадри за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри за земјоделство, за финансии, како и за информатичко општество и администрација. Владејачката партија поставува дополнителни заменик-министри во внатрешни работи и во труд и социјална политика, каде што опозицијата има министри. Во овие пет ресори, техничките министри и дополнителните заменик-министри, практично, имаат врзани потписи, а споровите меѓу нив ги разрешува Државната изборна комисија, која на тој план имаше доста работа и во 2016 и во 2020 година.
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измени на Законот за Владата не е ставен засега на дневен ред на пленарната собраниска седница што почнува денеска, ама тоа може да се случи и при утврдувањето на агендата во почетокот на заседанието. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ,Никола Мицевски, во понеделникот побара предложените измени да се разгледуваат на седницата што почнува денеска.
„Во овој момент, кога се актуелни неколку кризи и кога владее општ хаос во државава, Македонија не смее и не може повеќе да губи ниту ден, а не, пак, сто дена за техничка влада која нема да реши ниту еден од проблемите со кои се соочуваат државата и граѓаните“,
рече Мицевски.
Од СДСМ потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ првично беше против тоа да се укине т.н. пржинска влада, по смената на власта во 2017 година, односно по изборите на крајот на 2016 година.
„ВМРО-ДПМНЕ беше против укинувањето на техничката влада откако ги изгуби изборите во 2016 година, иако таа требаше да биде само за тие избори. Добро е што сега ВМРО-ДПМНЕ по толкав период признава дека нашата држава има институции кои можат да спроведат фер и демократски избори и за разлика од 2016 година, кога државата беше категоризирана како заробена, денеска е држава која може да спроведе фер, демократски и слободни избори признаени од сите“,
изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.
Иако ВМРО-ДПМНЕ сега бара укинување на техничката влада, партискиот лидер Христијан Мицкоски претходно бараше да се избере ваква влада до март годинава, па дури и предложи преоден премиер.
Од друга страна, по последните парламентарни избори во 2020 година, кога Заев го формираше вториот владин кабинет, беше етаблирана нова вицепремиерска позиција – прв вицепремиер, што ја презеде Артан Груби, што беше перцепирано како можност за модифицирање на концептот на преодна влада, така што 100 дена пред избори позицијата технички премиер би можела да ја преземе ДУИ.