Лидерот на СДСМ обвини дека зад наративот на владејачката партија за наводни национални ризици од менувањето на Уставот стои намерата ВМРО-ДПМНЕ да владее без контрола, да го контролира судството, да врши притисок врз медиумите и да ги контролира сите институции со свои партиски кадри
Вистинската причина за блокадата на европскиот пат не се уставните измени туку тоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака контрола од европското обвинителство – изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во синоќешното интервју за телевизија Сител. Тој вели дека промената на Уставот не носи ризици бидејќи нема ништо лошо од внесување на Бугарите, Хрватите и другите малцинства во највисокиот правен акт на државата.

Лидерот на СДСМ обвини дека зад наративот на владејачката партија за наводни национални ризици од менувањето на Уставот стои намерата ВМРО-ДПМНЕ да владее без контрола, да го контролира судството, да врши притисок врз медиумите и да ги контролира сите институции со свои партиски кадри.
„Ако ние некогаш се соочиме со некои непринципиелни барања, може да се повлечеме, а сега што правиме? Седиме во место и наводно се плашиме утре Радев или некој од Бугарија да не направи нешто што нас ќе нè загрози. Па кој може да нè загрози ако ние имаме национален консензус дека преку некои работи не поминуваме. Вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ не сака тука да дојде европското обвинителство и да има контрола на трошењето на парите Нема никаков друг ризик“,
изјави Филипче во интервјуто за Сител.
Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за загрозување на идентитетот, вели тој, се дел од нивната политичка пропаганда.
Според Филипче, само европското обвинителство може да ја врати вербата во правдата и во правосудниот систем во земјава. Враќањето на довербата во правосудниот систем, вели лидерот на СДСМ, е можно единствено преку воведување европски стандарди и независни институции.
