Иако ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на враќање на пржинската влада, Емил Димитриев, кој сега е опозициски пратеник, смета дека овој концепт не е нешто со што може да се гордееме, затоа што тоа укажува на силно влијание на политиката врз институциите
Емил Димитриев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој прв ја извршуваше функцијата технички премиер, е критичен кон т.н. пржинска влада, која беше договорена како концепт за време на политичките преговори за излегување од внатрешната криза по објавување на аферата со масовното нелегално прислушување.
Димитриев, кој наместо сто дена остана 16 месеци на чело на владата, за „Утрински брифинг“ вели дека е потребно да го издигнеме општеството на ниво кога ќе нема потреба од таква влада, така што институциите ќе функционираат независно од политиката.
„Тоа се случи поради повеќе фактори, најмалку по моја желба. Првата идеја за отпочнување со работа на пржинската влада беше утврдена со закон и главни приоритети. Но, бидејќи имаше две пролонгирања за одржување на изборите, функциониравме 16 месеци. Мое лично мислење е дека креирањето на една ваква влада е лош сигнал за Македонија, особено што тоа дојде по неколку успешни циклуси. Овој тип влади е својствен за општества во кои политиката има силно влијание во институциите и се бара како тоа влијание да се сведе на минимум и партиите да се контролираат едни со други. Ова не е нешто со кое треба да се гордееме. Си го прифативме како решение и секоја партија се бори да го има како механизам“,
вели Димитриев
Тој нагласува дека во прв план, доколку не се отиде на промена на овој модел, треба да се размисли на промена на рокот на функционирање на оваа влада.
„Три месеци е предолг рок. Евидентно е дека прва работа што се случува е конфликтот помеѓу функционерите, блокада на институциите и крајниот негативен ефект го плаќаат граѓаните“,
истакна Димитриев
Тој дојде на чело на Владата кон средината на јануари 2016 година, од позицијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а откако тогашниот премиер Никола Груевски, по речиси десетгодишно владеење, поднесе оставка. Во тогашната пржинска влада учествуваше и сегашниот технички премиер Оливер Спасовски, како технички министер за внатрешни работи, чиј дополнителен заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ беше Оливер Андонов.
Со оглед на тоа што изборите, првично планирани за 24 април 2016 година, се одложуваа неколкупати, и Димитриев неколкупати ротираше од технички во политички премиер на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од каде што кадрите на СДСМ влегува и излегуваа „по потреба“. Димитриев замина од премиерската функција летото 2017 година, кога конечно беше избрана владата на Зоран Заев.
Иако пржинската влада беше предвидена како преоден концепт единствено за изборите во 2016 година, таа се врати како решение во Изборниот законик и во Законот за Владата летото 2018 година. Тоа беше условот што го постави ВМРО-ДПМНЕ за деблокирање на процедурите за распишување на референдумот за името.