Сиљановска-Давкова вели дека е можно и порано да го додели мандатот, но додава дека ги проучува сите елементи за да може да постапи според Уставот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не ја исклучува можноста пред завршувањето на последниот рок да го додели мандатот за состав на новата влада, но можно е тоа да се случи и порано.
„Јас чекам да дојдат кај мене. Инаку, ситуацијата е релативно јасна. Да, Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за состав на владата. Можно е и порано, но јас гледам, како што реков, сите елементи да ги проучам за да можам да постапам според Уставот“,
рече Сиљановска-Давкова во одговор на прашање пред почетокот на панел-дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација” во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и „Европското движење“.
Прашана за коментар околу обвинувањата од страна на „Европскиот фронт“ за мајоризација врз малцинствата, таа вели дека тоа обвинување не држи.
„Не разбирам што значи тоа мајоризација на малцинството. Нема такво нешто. Еден победник има на изборите“,
рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката додава дека секогаш владите, од првата во 1990-те до денеска биле и мултиетнички и таа вели дека не може да забележи мајоризација.
„Се разбира дека изборот се прави според идеолошката определба, изборот се прави и според програмските определби, изборот се прави и по наоѓањето со кого би постигнале најдобри реформски резултати. Логично е некогаш да бидете власт, некогаш да бидете опозиција. Опасно е секогаш да бидете власт. Власта оптоварува, а апсолутната власт – апсолутно и затоа е време за промени“,
додаде Сиљановска-Давкова.
ВМРО-ДПМНЕ сè уште разговара со „Вреди“ и ЗНАМ за формирањето нова влада, но нема официјална информација кога ќе има конечен договор.
Од Демократската унија за интеграција минатата недела рекоа дека остануваат доследни на својот став за почитување на гласот на албанскиот народ и другите етнички заедници бидејќи, како што велат, тоа е единствената гаранција за стабилност и прогресивен континуитет на земјата.
Од партијата уште еднаш повторија дека целосниот изборен и демократски легитимитет и кредибилитет му припаѓа на „Европскиот фронт“ и оти безусловното вазалство на губитниците е предодредено да пропадне бидејќи ја нема поддршката од народот.
Од ВМРО-ДПМНЕ на ова одговорија дека нема ниту мајоризација, ниту шовинизам, ниту е важно што Ахмети имал чувство на навреденост, важно е, како што рекоа, што волјата на мнозинството е ДУИ да оди во опозиција и да се соочи со одговорност.