Македонската претседателка и нејзиниот ерменски колега, кои денеска се сретнале на маргините на 8. Самит на Европската политичка заедница што се одржува во Ереван, оцениле дека двете земји можат да ја унапредат соработката во информатичките технологии, туризмот, прехранбената и фармацевтската индустрија и образованието
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вели дека се пропознава почеток на ново поглавје во односите меѓу Македонија и Ерменија, преку продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете земји во повеќе области.

Сиљановска-Давкова ова го напиша на нејзиниот фејсбук-профил по денешната средба со својот ерменски колега Вахан Хачатуријан во главниот град на земјата, Ереван, каде што македонската претседателка учестува на 8. Самит на Европската политичка заедница.
„Препознаваме почеток на ново поглавје во меѓусебните односи и можности за конкретна соработка во информатичките технологии и дигиталните услуги, земјоделството, прехранбената и фармацевтската индустрија, туризмот, како и секторите базирани на иновации и знаење“,
наведува претседателката во објавата на социјалната мрежа.
Според неа, за зближување на македонските и ерменските граѓани осовено се важни културната дипломатија, образовната и академска соработка, како и студентската размена преку програмата „Еразмус плус“, во која учествуваат и двете држави.
Претседателката додава дека го поздравува продлабочувањето на соработката на Ерменија со Европската Унија и напорите на земјата за усогласување со европските политики и стандарди.
За првата билатерална средба на двајцата претседатели информира и Кабинетот на Сиљановска-Давкова преку соопштение, во кое, исто така, се наведува препознаениот почеток на ново поглавје во меѓусебните односи и можности за конкретна соработка.
Во врска со Самитот, македонската претседателка оценила дека Европската политичка заедница постепено се афирмира као значајна платформа за европско единство, дијалог и координација во соочувањето со заедничките предизвици.
Сиљановска-Давкова и Хачатуријан се согласиле дека визните олеснувања и директните авионски врски можат да придонесат за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји во иднина, а кои во моментов се на ниско ниво.
Во тој контекст, претседателите на двете држави заклучиле дека е потребно склучување на билатерални договори и поттикнување на директни контакти меѓу бизнис-заедниците во Македонија и Ерменија, преку организирање бизнис форуми.
Сиљановска-Давкова на средбата ја истакнала и улогата на ерменската заедница во земјава, која, како што се наведува во соопштението, е малубројна, но угледна и почитувана.

Хачатуријан од негова страна посакал успех на патот на Македонија кон Европската Унија.
Двајцата претседатели си упатиле меѓусебни покани за официјални државни посети во иднина.
Претседателката на држвата престојува во работна посета на Ерменија по повод учеството на 8. Самит на Европската политичка заедница што се одржува под мотото „Градејќи иднина: единство и стабилност во Европа“.
Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, ќе учествува на тркалезната маса „Зајакнување на поврзаноста и економската безбедност во контекст на зелената транзиција“, со која ќе претседаваат премиерите на Хрватска и Норвешка, Андреј Пленковиќ и Јонас Гар Шторе. Во дискусијата е предвидено учество на премиерите на Белгија, Канада, Грузија, Словачка и Обединетото Крaлство, сојузниот канцелар на Австрија, генералниот секретар на ОБСЕ, како и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
