На церемонијата на предавање на акредитираните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија во земјава Жељазко Радуков, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека очекува тој да работи непосредно како со институционалните така и со другите чинители во македонското општество, цивилниот и бизнис-секторот, културните, научно-образовните институции и медиумите
Очекувам дека ќе работите на унапредување на односите и соработката во позитивен правец што ќе придонесе за зближување на двете земји и нивните граѓани. Ова денеска го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на церемонијата на предавање на акредитираните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија во земјава Жељазко Радуков, на која му посака добре дојде и успешно извршување на на дипломатската функција во следните години.

„Односите меѓу двете држави не се на посакувано ниво и не се соодветни за држави што се непосредни соседи и сојузници во НАТО, од кои едната е членка во Европската Унија, а другата е кандидат за членство со силна посветеност кон европската интеграција. Неопходна е промена во пристапот преку развој на односите и креирање на позитивна разлика. Во таа смисла, јас како претседателка на сите граѓани го искажувам моето очекување дека ќе работите на развивање на соработката во областите од взаемен интерес со фокус на предизвиците од секојдневието и иднината“,
рече Сиљановска-Давкова.

Како што се вели во соопштението од нејзиниот кабинет, претседателката очекува амбасадорот Радуков да работи непосредно како со институционалните така и со другите чинители во македонското општество, цивилниот и бизнис-секторот, културните, научно-образовните институции и медиумите.
„Го цениме исклучително важниот и сложен процес на дијалог кој претполага зближување, градење и негување на пријателството, низ заемно почитување на две соседни европски држави и во оваа смисла сметам дека почитувањето на достоинството, заложбите на европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни заемни интереси на двете земји“,
вели претседателката.
Амбасадорот Радуков, пак, оцени дека неговата мисија започнува во особено извонредни околности и посочи дека разорните ефекти од војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, пандемијата, политичката и социјална поларизација на глобалната заедница нè изложи на ризик.

„Најдобар одговор што го покажавме е дека обединувањето е против секоја безбедносна закана. Докажавме дека вредноста да стоиме цврсто и заедно пред агресијата и тешкотиите е она што е вредно. Поради секојдневните турбуленции во нашите билатерални односи како да заборавивме дека нашите две земји се сојузници во најмоќниот политички и воен сојуз. Заедничкото членство ни донесе безброј придобивки. Сепак, не сме го добиле бесплатно. Нашите земји ја платија и ќе продолжат и натаму да ја плаќаат потребната цена за да бидат сојузници со сите наши партнери, но и меѓу себе“,
рече тој.
Според него, Коридорот 8 како проект е важен не само за безбедноста на двете земји, туку и на Алијансата.
„Како таков, тој е далеку од кој било друг аспект на нашите билатерални односи и неговата важност не смее никако да се потцени ниту од цивилна ниту од безбедносна или воена гледна точка“,
вели новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава.
Уште во февруари годинава претседателот на Бугарија, Румен Радев, и владата постигнаа договор за именување на Жељазко Радуков за амбасадор во Северна Македонија.
Тој го замени досегашниот амбасадор Ангел Ангелов чиј мандат заврши во јуни 2024 година.
