Шведска, која предизвика полемики поради нејзината политика на почетокот на пандемијата за неприменување мерки за заштита, призна дека не гледа знаци на имунитет на стадо и дека бројот на новозаразени со коронавирусот расте.
Андерс Тегнел, творецот на контроверзната стратегија на Шведска без карантин, претходно тврдеше дека Шведска ќе помине подобро од другите земји во вториот бран откако изгради колективен имунитет за време на првиот.
„Прашањето за имунитетот на стадото е тешко. Во моментов, не гледаме никакви знаци на имунитет што го забавуваат вториот бран“,
рече Тенгел.
Премиерот Стефан Лофвен во последните неколку недели сосема го смени пристапот и воведе ограничувања на продажбата на алкохол, домашни посети и јавни собири, предупредувајќи дека ограничувањата за патувања можат да бидат следниот чекор.
Правилата во Шведска сè уште се релативно полабави во споредба со другите европски земји, но тие се значителен пресврт од претходните политики кои овозможуваа луѓето доброволно да изберат дали ќе останат дома и ќе држат растојание.
Шведска објави рекорден број новозаразени со коронавирусот овој месец, што докажува дека земјата не успеа да го избегне вториот бран на епидемијата што го погоди поголемиот дел од Европа.
Во мај Тегнел предвиде дека бројот на случаи во земјата „веројатно ќе биде прилично мал“ кога наесен ќе пристигне вториот бран, бидејќи голем дел од популацијата веќе ќе биде заразена со вирусот и ќе стане имуна. Оттогаш се појавија повеќе докази кои укажуваат на тоа дека е можно луѓето што закрепнале од коронавирусот повторно да се разболуваат и оти во некои случаи имунитетот може да трае кратко.