Според Шукова, премногу човечки животи се згаснати, премногу семејства се уништени, премногу трагедии се имаат случено и тоа, како што рече, е потврда дека МВР не функционира, ниту како превенција ниту како заштита

Што уште треба да се случи за Панче Тошковски да понесе морална одговорност и да поднесе оставка, прашуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Оставката од Тошковски денеска ја побара претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова, која рече дека има целосен распад на безбедносниот систем после толку жртви, убиства, насилства.
Шукова нагласи дека Македонија во изминатите две години станала небезбедна држава каде насилството, убиствата и трговијата со дрога се секојдневие, додека МВР не успева да ги заштити граѓаните.
Според Шукова, премногу човечки животи се згаснати, премногу семејства се уништени, премногу трагедии се имаат случено и тоа, како што рече, е потврда дека МВР не функционира, ниту како превенција ниту како заштита.
Таа наведе неколку последни случаи што беа актуелни во јавноста.
„Убиството на 37-годишна жена во скопско, млада жена и дете беа убиени и покрај претходни 12 пријави за насилство до МВР. Во Велес, насилник уби жена и нејзиниот татко. Во Старо Нагоричане, сериски убиец со години убивал жени додека институциите игнорирале предупредувања“,
рече Шукова спомнувајќи го и случајот на поминување пет тони дрога преку граница без контрола и одговорност.
Таа додаде дека секој ден има информации за нови жртви, нови трагедии, нови случаи во кои системот потфрлил.
Од СДСМ велат дека со измените на Законот за МВР полицијата е партизирана и претворена во инструмент за заштита на криминалната група ВМРО-ОКГ и за пресметка со опозицијата, а системот е ставен во функција на заштита на власта, наместо на граѓаните.
Шукова истакна дека врсничкото насилство во училиштата и злоупотребата на малолетници во Скопје, Гостивар и Неготино се случаи во кои системот потфрлил.
„Одговорноста е директна кај министерот Панче Тошковски. Државата е небезбедна, институциите се нефункционални, а граѓаните оставени сами на себе. Панче Тошковски мора да ја преземе одговорноста“,
додаде Шукова.
Ова не е првпат СДСМ да побара оставка од министерот Тошковски. Претходно тоа го бараа и кога се случија трагедиите со мајката и детето што паднаа од тераса и загинаа, како и по случајот на врсничко насилство во Ѓорче Петров.
