Опозициската партија директно ги обвини МВР и ресорниот министер Панче Тошковски за последните случаи на насилство во државата, од кои дел завршија со трагичен исход, оценувајќи дека системот потфрла за појавите кои треба да ги превенира
По последниот случај на врсничко насилство во Ѓорче Петров, опозицискиот СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи дека системот потфрла за појавите кои треба да ги превенира.

„Нема систем. Има само жртви. И за тоа мора да има политичка и секаква друга одговорност. За сите пропусти, за промашената превенција, несоодветното постапување на МВР јасна е одговорност на Панче Тошковски“,
велат од СДСМ.
Партијата обвини дека во последните две години од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, во државата секојдневно се случува насилство во училиштата, во домовите и на улиците.
„Згаснаа животи на мајка и малолетно дете – МВР на чело со Тошковски не ги заштити. И покрај 12 пријави за две години за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана – МВР било слепо и глуво. Насилник во Велес ја уби младата Росица и нејзиниот татко. Сериски убиец во кумановско Старо Нагоричане уби пет жени, додека две години биле игнорирани пријавите на жителите. Во Кочани згаснаа 63 животи, а Тошковски ги штитеше неговите началници. Пет тони дрога поминаа преку граница без никаква контрола, а до денес нема одговор од МВР како поминале и кој ќе одговара во врвот на власта“,
коментираат од партијата.
За сите наведени случаи, опозицискиот СДСМ ја лоцира одговорноста кај министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кого го повика да си поднесе оставка од функцијата.
Во врска со последниот случај со врсничко насилство во скопско Ѓорче Петров, Тошковски вчера рече дека се повикани на разговор 14 лица, а за дел од нив, како што кажа, ќе следуваат соодветни процесни дејствија.
