„Дел од нив беа во делагацијата што јас ја предводев, а за деталите претпоставувам ќе имате можност да ги поканите во емисија, тие ќе зборуваат“, вели премиерот во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: Што бараа вицепремиерот Изет Меџити, министерот Арбен Таравари, па дури и заменик-министерката Викторија Трајков во САД?
Мицкоски: Дел од нив беа во делегацијата што јас ја предводев, а за деталите претпоставувам ќе имате можност да ги поканите во емисија, тие ќе зборуваат, сега јас зборувам за…
360°: Меџити и Таравари ниту на една средба не ги видовме заедно со вас?
Мицкоски: Имаше средби – да, коишто во периодот што следи ќе ги видите.
360°: Треба ли да го поставиме прашањето за нерационално трошење јавни пари бидејќи заличе како на туристичко патување за дел од тие луѓе, за Меџити, за Таравари, па и Викторија Трајков. Таа што бараше во делегацијата?
Мицкоски: Во кој дел нерационално трошење?
360°: Па, купени се авионски карти, таму е платено за хотели, сето тоа е плаќано со јавни пари, нели?
Мицкоски: Дали претставува нерационално трошење…
360°: Не зборувам за вас, притоа, внимавајте, ниту за министерот за надворешни работи.
Мицкоски: Не е битно сега, таму оди делегација. На пример, сигурно не мислите дека јас ќе го ставам ранчето од дома, ќе го наполнам со лична гардероба и ќе се качам на првиот авион и ќе отидам во посета како премиер. Претпоставувам дека тоа не би било сериозно, логично е кога претседател на влада оди, да се труди да понесе со себе делегација во најскромен облик и обем и тоа и го направивме ние.
360°: Јавно не беше оправдано присуството на Меџити, Таравари и на Викторија Трајков.
Мицкоски: Затоа велам, кога ќе разговарате и со Меџити и со Таравари, ќе ви…
360°: Ама вие сте шеф на делегацијата, премиере.
Мицкоски: Видете, вие ме прашувате дали е рационално трошење пари, јас ви велам дека делегацијата беше најскромно што е можно и ако ги споредите со делегациите во минатото, навистина е најскромно што е можно. Квалитетот на средбите е највисок споредено со било кога, зборувам ако се земе предвид карактерот на посетите, содржината, но и луѓето со коишто имав средби и тоа се покажува и докажува не само на време на посетата, туку и периодот потоа.
360°: Ќе биде нереално да очекувам конкретен одговор ако ве прашам колку чинеше целата посета, но ќе ве прашам дали ќе одговорите на барањата за слободен пристап за тоа колку пари се потрошени за оваа посета?
Мицкоски: Немам јас никаков проблем, јас не ја знам сумата којашто е, но претпоставувам не очекувавте, ќе повторам, да го облечам ранчето, да се качам на првиот авион и да појдам во САД.
360°: Не, не, пак ќе кажам – за вас и за министерот за надворешни работи, мислам дека никој нема забелешки, прашањата се однесуваат на Изет Меџити, Арбен Таравари и Викторија Трајков.
Мицкоски: Е па, дадов одговор во неколку наврати, слободно побарајте, ќе ви биде дадено.