Ајман ал-Завахири е поранешен очен хирург и наследни на Осама Бин Ладен на чело на оваа терористичка организација. За време на неговите 11 години лидерство, се смета дека тој никогаш не успеа да ја има харизмата и привлечноста кои ги имаше Бин Ладен за младите џихадисти. Со неговата ликвидација, Ал Каеда може да одлучи повторно да се крене со нов лидер и нова стратегија и затоа би било глупо ако се заклучи дека со неговата ликвидација, ликвидирани се и заканите од оваа терористичка организација
Ненадејната, насилна, но не докрај неочекувана смрт на водачот на Ал Каеда во неделата неизбежно го наметнува прашањето: Што ќе се случи со оваа организација сега?, пишува Би-би-си во анализа објавена откако САД потврдија дека во напад со дрон во Кабул го елиминирале Ајман ал-Завахири.
Ал Каеда на арапски значи „база“. Станува збор за терористичка организација која е посветена да ги напаѓа западните интереси ширум светот и да ги соборува владите низ Азија и Африка кои ги смета за премногу блиски до Западот и недоволно исламски.
Формирана е кон крајот на 1980-тите во реонот на авганистанско-пакистанската границата од остатоците на поранешната арапска волонтерска армија. Своевремено, Ал Каеда беше позната ширум светот и се сметаше за безбедносна закана број еден за Западот.
Зошто? Затоа што во тоа време успеа да изведе серија комплексни и успешни напади, што пак, привлече во нејзините редови да се приклучат повеќе следбеници.
Во 1998 година извршија симултани бомбашки напади врз американските амбасади во Кенија и Танзанија при што беа убиени претежно африкански цивили. Во 2000 година изврши напад на пристаништето во Аден, Јемен, убивајќи 17 морнари.
Ал Каеда го изврши и најголемиот терористички напад во американската историја на 11 септември 2001, напад по кој се вели дека светот се променил засекогаш. За потсетување, по неколкумесечно планирање, оперативците на Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони и два од нив упатија кон Светскиот трговски центар во Њујорк при што ги соборија двата огромни облакодери. Трет авион насочија кон Пентагон, а во четвртиот патниците успеаја да го совладаат киднаперот и авионот се урна во поле. За жал, никој од патниците не преживеа. Тој 11 септември загинаа речиси 3 000 луѓе.
Овој терористички напад, пишува Би-би-си, беше планиран од базите на Ал Каеда сместени во авганистанските планини, каде што организацијата го пронајде своето засолниште од талибанците. По ова следуваше напад на САД и Велика Британија на Авганистан, во кој талибанците беа соборени, а Ал Каеда протерана. Меѓутоа, на САД им требаа 10 години да го убијат тогашниот лидер на терористичката организација, Осама Бин Ладен. Тој беше ликвидиран во мај 2011.
Бин Ладен беше брзо заменет на врвот на Ал Каеда од неговиот ментор и поранешен очен хирург Ајман ал-Завахири, кој беше убиен во неделата.
За време на неговите 11 години на чело на терористичката организација, анализира Би-би-си, тој никогаш не успеа да ја има харизмата и привлечноста кои ги имаше Бин Ладен за младите џихадисти. Неговите снимени видеопораки беа долги и досадни.
Наскоро, Ал Каеда се соочи со дезертирања во нова, ултра насилна-отцепена група која се нарече Исламска држава или ИСИС. Младите џихадисти се приклучуваа на ИСИС исмевајќи го раководството на Ал Каеда дека додека тие многу зборуваат, ИСИС е во акција.
Во однос на сегашната состојба, во анализата се наведува дека нема бегање од фактот оти минатогодишното хаотично повлекување на Западот од Авганистан отвори нови опасни можности за Ал Каеда. Самиот факт што убиениот лидер беше лоциран како удобно живее во „безбедна куќа“ во Кабул, блиску до раководството на талибанците говори дека тие немаат намера да ги прекинат врските со Ал Каеда.
А, Ал Каеда сака повторно да го воспостави своето присуство во Авганистан сега кога нејзините пријатели се вратија на власт. Оваа држава има посебно значење за терористичката организација, бидејќи токму тука поранешниот лидер Бин Ладен градеше скривници во 1980-те и пет години живееше под заштита на талибанците.
Во однос на присуството на Ал Каеда во Африка, во анализата се наведува дека огранокот на организацијата во Сомалија познат како Ал Шабаб таму останува главната џихадистичка група. Африка е често бојно поле за ваквите џихадистички групи, особено во северозападот околу Сахел, каде Ал Каеда и ИСИС не се борат само со цел да урнат влада туку војуваат и меѓусебе.
За земјите на Средниот Исток, пак, се наведува Ал Каеда има значително присуството во северозападна Сирија.
По лидерот Бин Ладен кој беше Саудиец, па неговиот наследник Ал Завахири кој беше Египќанец, високото раководство што останува сега, повеќето е со арапско потекло.
Со смртта на Ал Завахири, завршува анализата, Ал Каеда може да одлучи повторно да се крене со нов лидер и нова стратегија и затоа би било глупо ако некоја разузнавачка агенција заклучи дека со ликвидацијата на досегашниот лидер ликвидирани се и заканите од оваа терористичка организација.