Потврда за ликвидацијата пристигна и од американскиот претседател Џо Бајден, кој во видео-обраќање порача дека се надева оти ќе им се овозможи на семејствата на жртвите од терористичките напади на 11 септември 2001 да свртат нова страница во животите, а операцијата ја прогласи за тотален успех за САД
Американскиот претседател Џо Бајден порача дека правдата е задоволена и дека Авганистан никогаш повеќе нема да биде засолниште за терористите. Во нападот во главниот град Кабул, кој бил извршен во неделата немало цивилни жртви, но Бајден не даде одговор дали други лица освен Ал-Завахири се убиени во операцијата.
„Во саботата, по мој налог, САД успешно извршија воздушен напад врз Кабул, Авганистан, при што беше убиен емирот на Ал Каеда, Ајман ал-Завахири. Правдата е задоволена. Без разлика колку време е потребно или каде се криете, ако сте закана, САД ќе ве најдат. Мојата надеж е дека оваа акција ќе им овозможи на семејствата на жртвите од септември 11 да ја ‘свртат страницата’. Операцијата беше тотален успех, а неговото семејство е неповредено, нема цивилни жртви“,
порача Бајден.
Планирањето за операцијата што доведе до убиство на лидерот на Ал Каеда започнало пред речиси шест месеци, но темпото се забрзало во последните два месеци. Американскиот претседател потврди дека дал одобрение за операцијата пред една недела, но само откако се увериле дека несаканите ефекти ќе бидат минимизирани.
Завахири, кој инаку беше египетски лекар и хирург, а САД нудеа и до 25 милиони долари за неговата глава, помогнал во координирањето на нападите на 11 септември 2001 година, во кои цивилни авиони беа киднапирани и удрија во кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, но и во Пентагон при што загинаа околу 3 000 лица. Тој беше официјалниот водач на терористичката група Ал Каеда, а во минатото бил нарекуван и „десна рака“ на Осама бин Ладен со кого организирале и изведувале терористички напади во Северна Америка, Африка, Азија и на Блискиот Исток. Тој беше обвинет во САД и за неговата улога во бомбашките напади врз амбасадите на САД во Кенија и Танзанија во 1998 г., кога загинаа 224 лица.
Реакции за ликвидирањето на лидерот на Ал Каеда пристигнаа од канадскиот премиер Џастин Трудо, кој напиша дека ова е чекор кон побезбеден свет, а поранешниот американски претседател Барак Обама кажа дека вчерашните вести се доказ дека е можно да се искорени тероризмот без војна во Авганистан и слично како Бајден порача дека се надева дека семејствата и сите оние кои страдале од рацете на Ал Каеда конечно ќе добијат мир и спокој.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да го поддржуваат авганистанскиот народ.
„Соочени со неподготвеноста или неспособноста на Талибанците да ги исполнат своите обврски, ние ќе продолжиме да го поддржуваме авганистанскиот народ со силна хуманитарна помош и ќе се залагаме за заштита на нивните човекови права, особено на жените и девојчињата“,
порача Блинкен.