Собранието ќе работи според реформиран Деловник, но измените ќе треба да ги донесе новиот парламентарен состав кој ќе се формира по избори на 12 април. Околу 90 проценти од прашањата за измените се затворени, меѓу нив е и тоа да се ограничи времето за конститутивната седница, но дел од разликите остануваат. Меѓу нив е и усогласување на Деловникот со новото уставно име Република Северна Македонија.
Вака може да се сумираат резултатите од последната рунда од дијалогот во рамки на процесот „Жан Моне“ во Собранието, во кој учествуваа претседателот на законодавниот дом, пратениците од политичките партии кои се дел од парламентот, но и тројца европратеници: Илхан Ќучук – постојан известител за земјава во ЕП; Андреас Шидер – претседател на делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија и Марион Валсман – потпретседател на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет.
Ова беше трет дел од дијалогот кој траеше два дена и се одржа во Скопје. По формирањето на новиот парламентарен состав ќе се случи и четврта средба од процесот „Жан Моне“ затоа што, рекоа европратениците, покрај Деловникот има и многу други прашања за кои треба да се дискутира.
Претходните два дијалога се одржаа во Охрид и во Скопје, а на нив учествуваа европратениците од минатиот состав на Европскиот Парламент: Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.
„Со третиот дијалог се согласивме за сите клучни аспекти за реформи на Деловникот и ја потврдивме нашата постојана посветеност за зајканување на демократските процеси. Направивме значајни реформи и оставаме важно наследство за новиот пратенички состав во форма на усогласен текст за измените на Деловникот, како интегрален дел на заклучоците на третиот ,Жан Моне’ дијалог. Oдредени прашања остануваат да се разгледаат во наредниот парламентарен состав“,
рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, на прес-конференција.
Разлики за изборот на генерален секретар и усогласување со уставните измени
Според изјавата на Џафери, остануваат разлики во однос на критериумите за избор на идниот генерален секретар и неговите помошници-генерални секретари.
Друга разлика е усогласување на Деловникот со уставните измени кои беа изгласани за промена на името на државата.
„Имајќи предвид дека се наоѓаме во предизборие, тој дел го оставивме за наредниот состав да го допрецизира, за да не влеземе во политичка дебата во предизборието“, рече Џафери.
Џафери гарантира дека нема повторување на „27 април“
Претседателот на Собранието рече и дека пратениците се согласиле за тајмингот за почнување и за завршување на конститутивната седница, но во суштина ова нема да се усвои до конституирање на следниот парламентарен состав.
Главна причина за ограничување на оваа седница е искуството по изборите во декември 2016 г., кога ВМРО-ДПМНЕ го опструираше изборот на нов претседател на парламентот. Ситуацијата ескалираше на 27 април 2017 година.
„За гаранциите дека нема да се повтори сценариото јавно ќе повторам, бидејќи е моја надлежност како претседател на Собранието да свикам седница согласно постојните правила, да раководам со истата седница до избирање на новиот претседател на Собранието. Гаранција е мојот збор, така што нема да видите такви сцени на следната конститутивна седница“,
истакна собранискиот спикер.
Што порачаа европратениците?
Претседателот на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, европратеникот Андреас Шидер, по крајот на дијалогот, порача дека ја завршиле работата со изработка на нов Деловник, па наредниот парламентарен состав ќе може да работи поефикасно.
Со поголем фокус, како што рече тој, на политичките прашања, а помал на тактизирање и блокирање.
Рече дека идејата за ,Жан Моне’ на ЕП беше да биде неутрален партнер во процесот и тоа треба да се има предвид особено во предизборниот период.
„Сакам да подвлечам дека сите политички лидери беа исклучително конструктивни за решавање на проблемите што беа посочени: и за изборот на генералниот секретар, за календарот, за времето за дебатирање. А она што не можеме да го направиме, особено пред изборите, е да дадеме одговори за она што некои од партиите би сакале да го посочат на нивните предизборни плакати“,
рече Шидер.
Тој смета дека е добро што новиот состав на Собранието ќе ги носи измените на Деловникот кои ќе треба да се усвојат во најбрз можен рок.
„Сметам дека ова е добро затоа што сега се наоѓаме во предизборен период и во таков период беше возможно да се договориме со сите политички партии во земјава за суштината на овој Деловник и неговата содржина. Исто така, се обврзавме по изборите тоа да биде применето во пракса“,
истакна Шидер.
Известувачот на Европскиот Парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, пак, рече дека и во иднина ќе соработуваат со власта и со опозицијата, бидејќи има потреба од позајакната соработка кога станува збор за идните реформи поврзани со ЕУ.
„Собранието има водечка улога во парламентарната демократија. Клучниот процес на реформирање на земјата оди преку демократски постапки преку постигнување консензус меѓу политичките партии и различните чинители во општеството. Транспарентноста, предвидливоста и инклузивноста, се главниот дел на парламентарната демократија. Ние сме пријатели на Северна Македонија и ќе продолжиме со нашиот цврст став, ќе бидеме пријатели и во лошо и во добро. Тука ќе бидеме да ви помогнеме за да постигнете добри резултати што се важни не за политичката елита на земјата, туку за граѓанското општество и за луѓето на Северна Македонија“,
рече Ќучук.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сложни дека оставаат добра основа за следниот состав
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, во изјава за медиумите рече дека оставаат добра основа за следниот пратенички состав, со надеж дека тоа што се случуваше во минатото никогаш повеќе нема да се повтори.
Координаторот ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, истакна дека решиле неколку технички прашања. И тој, како и Митревски, смета дека се остава добра основа за новите пратеници.
„Покрај другите решенија, најбитно е што успеавме да ја решиме злоупотребата на европското знаменце на законите што доаѓаат од Владата, а во изминатиот период од три години имавме многу такви случаи. Го поздравуваме повлекувањето на предлогот за ограничување на дискусијата на три дена од страна на СДСМ на пленарна сесија, што јасно укажува на фактот дека се спремаат за опозиција и не сакаат да ја ограничат дискусијата. Како и да е, го затвораме дијалогот за промени на Деловникот за овој пратенички состав, останува солидна основа за дијалог и за затворање на спорните прашања на следниот пратенички состав“, рече Мицевски.