„Не е точно дека се зголемила смртноста откако сум јас назначен за раководител на институцијата. Прецизната статистичка анализа покажува дека нема значајно зголемување на смртноста од една страна, а има значајно зголемување на тежината на комплексноста на пациентите за околу 20 отсто. Последните 5 месеци покажуваат дека нашата смртност е пониска од предвидената, односно подобри сме од она што се очекува“, рече разрешениот директор на Универзитетската клиника за кардиохирургија
Дали и зошто некој сака да ја затвори и уништи Универзитетска клиника за државна кардиохирургија? Со ова прашање денеска на прес-конференција го почна своето излагање разрешениот медицински директор на Универзитетска клиника за државна кардиохирургија д-р Марјан Шокаровски кој посочи дека изминатиот период во јавноста излегле информации за работата на клиниката, на што, како што посочи, министерот во заминување одлучил да го разреши.
Токму затоа, како што рече Шокаровски, поттикнати од невистините, шпекулациите и неговата смена, денеска во име на целиот стручен колегиум и на сите вработени на клиниката, одлучил да ѝ се обрати на јавноста во врска со работата на оваа клиника.

„Моето разрешување е незаконско бидејќи во техничката влада не можат да се именуваат ниту да се разрешуваат директори. Ги повикувам институциите кои треба да се грижат за законитоста во оваа држава итно да реагираат. Министерот за здравство го разреши координаторот за развојот на кардиоваскуларната хирургија при министерството за здравство, Александра Ефтимова. Истовремено ѝ го раскина договорот на координаторот за срцевата трансплантација при Министерството Андријана Георгиев. Оттука се наметна нашето прашање, дали се работи за оркестриран напад против Државната кардиохирургија, а со тоа и напад на јавното здравство. Која е потребата на министерот во заминување да направи вакво тектонско пореметување на една успешна приказна? Кому тоа му одговара?“,
праша тој.
Според него, не се точни наводите дека смртноста на Кардиологија се зголемила откако тој е назначен за директор, туку, напротив, како што рече, постои тренд на намалување на смртноста. Токму затоа, како што посочи, и членовите на комисијата кои се назначени од министерот да ја анализираат работата на Клиниката и да ги толкуваат бројките се доктори кои, според Шокаровски, немаат никаков контакт со кардиохирушки пациенти ниту, пак, практично искуство во кардиохирургијата.
„Дури еден од членовите на комисијата беше кандидат за директор на нашата клиника пред шест месеци, со што се доведува во прашање неговата објективност. Да ги потсетам оние што тоа го знаат и воедно да ги известам оние што не знаат, постои наука во медицината која се вика медицинска статистика, одговорна за статистичка обработка на податоците и таа е единствена релевантна област во медицината која може и треба да ги даде процентите“,
рече тој.
Според него, во јули 2023 година објавено е дека се оперирани 12 пациенти, податок кој не е точен зашто, како што рече, биле оперирани 22 пациенти. За август податокот е дека се оперирани 11, а оперирани се 14 пациенти. За октомври податокот е дека се оперирани осум, а всушност се оперирани 16 пациенти.
„Токму поради ова направивме сопствена експертиза статистичка. Не е точно дека се зголемила смртноста откако сум јас назначен за раководител на институцијата. Прецизната статистичка анализа покажува дека нема значајно зголемување на смртноста од една страна, а има значајно зголемување на тежината на комплексноста на пациентите за околу 20 отсто. Последните 5 месеци покажуваат дека нашата смртност е пониска од предвидената, односно подобри сме од она што се очекува“,
вели разрешениот директор.

Понатаму рече дека се појавиле информации за наводни 170 фантомски пациенти кои не постоеле во системот, а како што рече, тој најостро ги демантира овие дезинформации.
„Најостро ја демантираме оваа невистина. Всушност нашата анализа и контакти со мој термин, покажаа дека постои техничка грешка во пренесувањето на информациите од софтверската програма која ние ја користиме за евиденција на пациентите до мој термин. Дел од пациентите кои се третирани на нашата клиника, нивните отпусни писма не се пренесени во Мој термин поради овој софтверски пропуст. Единствена законска обврска е пишаниот документ. Мој термин не го користат приватните болници. Тоа не значи дека овие пациенти се скриени, или фантомски или избришани, како што тврди министерот. Сите тие имаат уредни, детални отпусни писма, што секако може да се провери. Проблемот е во период кој е многу подолг од мојот мандат како директор и всушност постои долго пред да бидам назначен за директор“,
вели д-р Шокаровски.
Шокаровски нагласи дека единствено на оваа клиника се изведуваат повеќе комплицирани кардиохируршки интервенции, меѓу кои е и трансплантацијата на срце, на која, како што додаде, треба сите да сме горди.
„И кога сме кај статистиката околу трансплантацијата, процентот на преживување е подобар од светскиот просек. Некои подмолни сили сакаат овој напредок да го омаловажат и да го релативизираат“,
рече тој.

Според него, се шпекулира дека клиниката не произведувала кадар, туку само професори што, како што рече, е најбезобразна лага, затоа што на оваа клиника, а во склоп на Медицинскиот факултет во Скопје, едуцирани се четворица специјалисти по кардиохирургија, кои денеска самостојно извршуваат скоро цела палета на кардиохируршки операции и оти заедно со анестезиолозите и средниот медицински персонал се обучени за најкомплексните процедури кои се работат само во оваа болница.
„Очигледно дека некој се дрзна да го преиспитува Медицинскиот факултет во оваа држава. Јасно е, ова е оркестриран напад со цел да се уништи Државната кардиохирургија. Многу сегменти од државното здравство и образование се засегнати со последните случувања. Ги повикуваме институциите, Медицинскиот факултет, Министерството за здравство и образование, да реагираат. И после сè, ние веруваме во институциите на државата. Воедно бараме да се изврши ревизија на сите дипломи, почнувајќи еве од нашата клиника. И во јавното и во приватното здравство. Да завршиме еднаш засекогаш со самопромовирање на експерти во кардиоваскуларната медицина“,
рече тој.
Според него, „Мој термин“ не е мандаторен систем, тој е само помошен систем во здравството, односно дека единствено историите на пациентите се релевантен извор, а тоа, како што додаде, е секаде во светот, не само кај нас.
Шокаровски рече дека доколку би имале инфраструктурни можности, како доволно кревети во интензивна нега, кревети на оддел, како и персонал, можат да покријат и дупло од ова што сега оперираат.
„Ако државата сака да се развива државната кардиохирургија треба да се размислува за проширување на капацитетите на оваа клиника“,
вели тој.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски, пред два дена е разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство Илир Демири, кој рече дека за разрешувањето на Шокаровски има две причини.
Според податоците што стигнале до него, како што рече, имало 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“ и немаат отпусно писмо или прилог кон умреница, а таквата бројка Демири вели дека може да ја промени и вредноста на исходот. Другата причина за разрешување на директорот, според Демири, се крајно нарушените меѓучовечки односи во таа институција.