Вечерва во спортската сала „Борис Трајковски“ се одржа голем собир на кој својата програма ја претстави актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, како дел од кампањата за кандидатурата за уште еден мандат, а говореше и лидерот на СДСМ Зоран Заев
Во следните четири години Скопје целосно ќе се промени. Скопје за четири години од денес ќе биде град без метеж со целосно нови сообраќајни решенија, без загадување, за четири години од сега ќе се шетаме по 70 хектари пешачка зона во центарот со многу зеленило и слободен простор, најави актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, од собирот на граѓани во спортска салата „Борис Трајковски“, како дел од кампањата за кандидатурата за уште еден мандат.

„Погледнете го, драги скопјани, слободниот Кеј 13 ноември, тоа е визијата за Скопје која ја имам. Погледнете го паркот Ибни Пајко, тоа е јавниот простор кој сакам да го создавам. Погледнете ги новите МАН автобуси, тоа е стандардот кој сакам да го постигнам. Тоа е Скопје кое ќе продолжиме да го градиме а не згради и споменици на секој чекор. За една година од сега драги пријатели, Скопје ќе има нов ГУП, кој ќе гарантира дека никој повеќе нема да го злоупотребува Скопје за приватни цели, кој ќе гарантира хумана урбанизација надвор од центарот на градот. Скопје десет години е жртва на ГУП-от од 2012 што го донесе ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме истите луѓе да го носат ГУП-от во 2022 бидејќи знаеме што не чека“,
кажа Шилегов на собирот на кој говореше и претседателот на СДСМ Зоран Заев.