Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денеска остро ги нападна Основното јавно обвинителство и Инспекторатот за животна средина и побара одговорност бидејќи, како што вели, педесетина дена молчеле околу скандалот со несоодветниот третман на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола.
Реакцијата на Шилегов доаѓа откако ОЈО денеска излезе со соопштение дека во пријавата до нив градскиот инспектор не доставил никакви материјални докази, па бил повикан она што го снимил на мобилниот телефон да го достави во полиција.
„Денеска во МВР беше повикан инспекторот да го даде телефонот на кој се снимките. Снимките веќе не се наоѓаат во тој телефон. За мене како прв човек на градот во кој се случува ова е целосно неприфатливо однесувањето на двете институции, Јавното обвинителство и Државниот инспекторат за заштита на животна средина. Бидејќи снимањето на инспекторот било забележано од чуварските служби, веројатно на 11 (декември) се исчистило сè, и баш на 12 е направен вонреден надзор и издаден е документ дека сè било во ред“,
изјави Шилегов.
Тој смета дека има сериозна одговорност во постапувањето на надлежните од обвинителството и државниот инспекторат и ги повика на одговорност.
„Уживам кога гледам како се обидуваат да ја одбегнат одговорноста и Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство, наместо да си ја признаат вината и да си ја сработат работата за која ги плаќаат граѓаните. Одговорна институција за ваков случај по наредба на јавен обвинител веднаш ќе го затвори погонот и ќе спроведе истрага“,
рече скопскиот градоначалник.
„Од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврди определени факти од значење за пријавениот настан. За целосно утврдување на фактичката состојба, Обвинителството ја продолжува предистражната постапка“,
стои во соопштението на ОЈО.
Инспекторатот за животна средина, пак, при последниот надзор во фирмата за медицински отпад, кој бил спроведен во декември, тврди немало никаква неправилност во работењето.
*Поврзана вест