Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изрази разочараност од институциите, меѓу кои и од Обвинителството, кои, според него, педесетина дена го игнорирале овој скандал
Основното јавно обвинителство денеска преку соопштение тврди дека итно постапува по кривичната пријава за несоодветен третман на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола, која, според инспекторите на Град Скопје, ги игнорирала процедурите и доставувала опасен и заразен материјал до депонијата „Дрисла“.
Оттаму потенцираат дека пријавата од главниот инспектор во Град Скопје била поднесена на 13.12.2019 година, три дена откако го забележал настанот и тврдат дека истиот ден е издадена наредба СВР Скопје да направи проверки, а заедно со други писмени докази, дошле до факти значајни за истрагата, кои засега не ги откриваат.
„Од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврди определени факти од значење за пријавениот настан. За целосно утврдување на фактичката состојба, Обвинителството ја продолжува предистражната постапка“,
стои во соопштението на ОЈО.
Претходно, пак, градоначалникот Петре Шилегов изрази разочараност од институциите, Министерството за животна средина и Обвинителството, кои, според него, педесетина дена го игнорирале овој скандал.
„Целиот овој случај го имавме на 10 декември 2019 година, на 13 декември целиот настан е пријавен во Јавното обвинителство. Градот не чекаше воопшто, а зошто нема преземено ништо треба да се упатите кон ЈО“.
изјави пред два дена Шилегов при посетата во „Дрисла“.
Објавувајќи го случајот, градските власти објавија видеоматеријали и слики од ненајавена инспекција на„Еко клуб“ во кругот на МЗТ. Од снимките и фотографиите се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар. Според градските власти, станува збор за медицински отпад од Прилеп и Битола. Дали и колку време несоодветно се третирал и друг отпад, Градот нема информации.
Инспекторатот за животна средина, пак, при последниот надзор во фирмата за медицински отпад, кој бил спроведен во декември, не констатирал неправилност во работењето.
*Поврзана вест