Според Обвинителството, тие биле дел од толпата кој фрлала камења, бекатон-плочки, метални шипки и други предмети, за да го пробијат полицискиот кордон, при што имаше и повредени
Шестмина, кои се обвинети дека биле дел од насилната толпа на протестите во врска со пресудата за „Монструм“, утре ќе се појават на првото рочиште во Кривичниот суд Скопје.

Осноцното јавно обвинителство од Скопје ги товари за кривичното дело учество во толпа која ќе изврши кривично дело, за што може да добијат од шест месеци до пет години затвор.
Судењето за настаните на 26 февруари во Скопје ќе го води судијата Марин Станевски, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Демирова-Панајотова.
Според Обвинителството, тие на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата за „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица – фрлале камења, бекатон-плочки, метални шипки и други предмети, за да го пробијат полицискиот кордон.
Во насилствата со тешки телесни повреди се здоби новинар присутен на местото на настанот, а повредени беа и 11 полициски службеници.