Од МВР сметаат дека полицијата денеска ги презела сите неопходни чекори да се спречат сценарија од лица кои дошле да предизвикаат инциденти
Во насилните протести кои се одржаа попладнево, за кои повод беа пресудите изречени за случајот „Монструм“, повредени се седум полицајци, а досега приведени се 8 од насилниците.
Според портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, најверојатно бројот на приведените ќе биде поголем, бидејќи се уште се работи на идентификација на оние кои создадоа нереди, фрлаа со камења врз полицијата и вандализираа.
Од МВР сметаат дека полицијата денеска ги презела сите неопходни чекори да се спречат сценарија од, како што вели Ангеловски, лица кои дошле да предизвикаат инциденти.
Полицискиот кордон кој беше распореден кај „Мавровка“ не дозволи протестниот марш, кој почна од Чаир, да заврши пред Кривичниот суд и Владата.
Според МВР, биле спречени обидите некои од демонстрантите да стигнат на овие места по други патишта.
Ангеловски во име на МВР изрази остра осуда на нападите врз новинарските екипи на МИА и на „Слободен печат“ кои или биле физички нападнати или биле спречени во извршување на својата работа.
„Ние ќе го испитаме овој случај на спречување на новинарот во извршување на новинарската работа, како и нападот врз новинарот на МИА и ќе биде санкциониран секој кој спречил новинар во вршење на својата должност“,
велат од МВР.