Летовите на „Аустријан ерлајнс“ ќе се реализираат двапати неделно, а според вицепремиерот Николоски, ова е огромна шанса за туристички и економски развој и подобро поврзување на македонскиот туристички центар
Утрово на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид слета првиот авион на компанијата „Аустријан ерлајнс“, со што официјално беше означен почетокот на новата редовна авиолинија на релација Виена – Охрид. Оваа линија ќе функционира двапати неделно, секој четврток и недела, овозможувајќи му на охридското крајбрежје директна врска со уште една европска метропола.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека воведувањето на оваа линија е од огромно значење за развојот на охридскиот аеродром, како и за економско-туристичкиот подем на целиот регион.

Тој посочи дека Виена е еден од најголемите воздушни центри во Централна и Источна Европа, кој нуди преку 200 конекциски летови кон 66 држави низ Европа, Северна Америка, Азија и Африка. Дополнителна тежина, според него, дава фактот што овие летови ги реализира „Аустријан ерлајнс“, која е меѓу десетте најголеми европски авиокомпании, што е потврда за квалитетот на услугите и сериозноста на инвестицијата.
„Македонија денеска е препознаена на мапата на многубројни туроператори и авиокомпании. Со активните мерки за поддршка го развиваме авиосообраќајот, го зголемуваме туристичкиот потенцијал на државата и обезбедуваме поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните. Како резултат на владините политики, директно се отворени 28 нови авиодестинации“,
напиша Николоски.
Со воведувањето на оваа дестинација, од охридскиот аеродром сега се оперираат вкупно 16 авиолинии, од кои 13 се редовни, а три се чартер-летови. Вицепремиерот напиша и оти во моментов се одвива целосна реконструкција на аеродромот во Охрид за подобрување на инфраструктурата и создавање услови за понатамошен раст, а главната цел е преку инвестиции и мерки за субвенционирање на нови линии, годинава да се опслужат повеќе од 3,5 милиони патници, а во годините што следат таа бројка да надмине четири милиони, што директно ќе се одрази врз развојот на економијата и туризмот.
