„За сите пропусти бараме имиња, одговорност и санкции. Второ, итно поднесување и освојување на законските измени за заштита од насилство. Трето, вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието од кое ги избришавте. Четврто, разрешете ги од јавни функции оние кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството или го нормализираат нивното потчинување“, кажа една од демонстрантките

„Не ја родив и чувам за некој да ја претепа и запали жива“, „Гневот нема да ни го земете“, „Семејни вредности – ќотек и навреди“ – ова се дел од транаспарентите на денешниот протест во Скопје против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста во земјава.

Протестниот марш е организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, а голем број демонстранти точно напладне се собраа во паркот „Жена борец“ во Скопје. Оттаму, покрај Собранието и Министерството за правда, маршот завршува пред Министерството за образование и наука.

Повод за протестот е последниот случај на фемицид во Богданци, каде што седумнаесетгодишната Билјана Кириќ , која, претходно пријавувала насилство и закани по животот, беше убиена од својот партнер.
Активистите потсетуваат и на имињата на други жени и девојки кои ги загубија животите како жртви на насилство – Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја… прашувајќи уште колку жртви се потребни за институциите да се разбудат.

Денеска, побараа одговорност од оние кои имале дожност да ги заштитат жртвите.
„За сите пропусти бараме имиња, одговорност и санкции. Второ, итно поднесување и освојување на законските измени за заштита од насилство. Трето, вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието од кое ги избришавте. Не може да водиме борба против родово базирано насилство, ако политички ја поткопуваме самата основа за негово препознавање. Четврто, разрешете ги од јавни функции оние кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството или го нормализираат нивното потчинување“,
рече активистката Елена Петрова.

