Министерката за одбрана вели дека не смее да и се даде шанса на Бугарија да искористи каква било слабост кај нас, за да рече – не може да се најде решение
Mислам дека претседателот на СДСМ и премиер погреши што го врза својот мандат со резултатот од локалните избори. Сега фокусот мора да биде на стабилно парламентарно мнозинство, да не се даде шанса на Бугарија да искористи каква било слабост кај нас, за да рече – не може да се најде решение, вели, во емисијата „Топ тема“ на Телма, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, доскорешна заменик-претседателка на СДСМ.
„Нашето мнозинство во парламентот не е мнозинство за еден ден – тоа треба биде мнозинство што ќе испорача резултати во европските интеграции, исто како што испорачавме резултат со НАТО. Треба да се обидеме да успееме, а не да чекаме отстрана и да се надеваме нешто да тргне наопаку. Мислам дека не треба да им влегуваме во лошиот и од минатиот четврток – лузерски филм“,
вели Шекеринска.
Заев попладнево најави дека во вторни, пред органите на СДСМ, ќе ја официјализира оставката на лидерската функција, по што ќе почне постапката за вонредни внатрепартиски избори за негов наследник, кој потоа би добил и мандат да формира нова влада.
Пред Заев да објави дека ќе ја ефектуира оставката, шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во разговор за „360 степени“ изјави дека со ДУИ не е комуницирано повторно активирање на оставката на премиерот.
„Нашиот став од првиот ден е ист дека ова е непотребен луксуз во ова време за државата. Сепак, се сменија околностите полокалните избори и сите треба да се прилагодиме на новите околности, приоритети кои се појавија и ризиците пред кои беше ставена државата“,
рече Османи.