По 22 дена на Инфективната клиника, целосно е оздравен потполковникот што беше заразен со ковид во Централноафриканската Република.
Информацијата за неговото оздравување ја сподели министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Среќна завршница на патешествието на нашиот потполковник, кој во Централноафриканската Република заболе од ковид-19. По 22 дена на Инфективната клиника, тој е сосема излекуван и денеска си оди дома! Го испрати д-р Илир Демири и дел од медицинскиот персонал кои се грижеа за него“,
напиша Шекеринска на Фејсбук.
Потполковникот, посочува министерката, набргу се враќа меѓу своите колеги, на своите должности во Армијата.
Тој учествуваше во европската мисија во Централноафриканската Република и на 12 мај беше донесен во земјава со медицинска евакуација откако беше тестиран позитивен за коронавирус.