Ме замоли да пренесам благодарност во Скопје за прифаќањето на евакуираните граѓани од Авганистан, објави министерката за одбрана во врска со средбата со некогашната американска државна секретарка
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во рамки на својата посета на САД, денеска остварила средба со поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт.
Шекеринска објави на Фејсбук дека била во домот на Олбрајт, за која посочи дека не е само жива легенда на американската политика, туку и гласен адвокат за демократија и за човекови права.
„Некогашната државна секретарка на САД, прва жена на таква функција во историјата на САД, која одблиску беше инволвирана во случувањата на Балканот во 1990-тите, ме прими во нејзиниот дом во Џорџтаун, кој е сведок на нејзиното богато политичко минато. Ме замоли да пренесам благодарност во Скопје за прифаќањето на евакуираните граѓани од Авганистан кои работеа за невладини организации од САД. Нејзиниот дом го напуштив со силни импресии и со чувство на почестеност што разговарав со важна фигура од врвот на светската дипломатија, чиј збор се уште одекнува и тежи“,
напиша Шекеринска.
Македонската министерката за одбрана од вчера е во неколкудневна посета на САД. При официјалната посета во Стејт департментот, таа се сретна со новиот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Во Пентагон, Шекеринска разговараше со Хајди Грант, директорка на Агенцијата за безбедносно-одбранбено соработка. На средбата стана збор за тековните проекти за модернизација на Армијата.
Ова е трета работна посета на Шекеринска на Вашингтон и на Пентагон што од МО ја толкуваат како силна потврда дека односите и билатералната одбранбена соработка со САД го достигнаа својот историски максимум во овој период, и сигнал дека реформите и напредокот во одбраната се одразија позитивно на сојузничкиот капацитет на Северна Македонија како 30. членка на НАТО.