Државава како членка на НАТО ја прифаќа одговорноста да придонесува во безбедноста на Балканот и учествува во повеќе регионални иницијативи, како и во мисијата КФОР во Косово, рече Шекеринска на средбата со првиот човек на Бирото за политички и одбранбени прашања на САД, Тимоти Алан Бејтс
Првиот ден од посетата на САД министерката за одбрана Радмила Шекеринска го помина на средби во Стејт департментот и во Пентагон. Во Стејт департментот Шекеринска се сретна со новиот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, при што беше заклучено дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и оти новата американска администрација сака што поскоро да ја види С Македонија во преговарачкиот процес со Унијата, соопшти Министерството за одбрана.
Министерката во Стејт департментот имаше средба и со првиот човек на Бирото за политички и одбранбени прашања Тимоти Алан Бејтс, на која беше реафирмирана американската позиција за стабилен и просперитетен регион и за решавање на прашањата што ги попречуваат мирот и стабилноста.
Таа нагласи дека нашата држава како членка на НАТО ја прифаќа одговорноста да придонесува во безбедноста на Балканот и дека учествува во повеќе регионални иницијативи, како и во мисијата КФОР во Косово.
Во Пентагон, Шекеринска разговараше со Хајди Грант, директорка на Агенцијата за безбедносно-одбранбено соработка. На средбата стана збор за тековните проекти за модернизација на Армијата.
Министерката во Вашингтон го посети и Националниот меморијален центар „Арлингтон“ при што положи цвеќе на Гробот на незнајниот војник.