Македонскиот буџет за одбрана во 2023 година изнесува 274 милиони евра и е зголемен за 24,45 отсто во споредба со ланскиот буџет, односно државата за одбраната издвои 1,85 отсто од БДП
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, очекува земјите членки на Алијансата да ја зголемат целта на трошоците за одбраната, кои моментално изнесуваат два отсто од БДП, кога ќе се сретнат на самитот во Вилнус во јули, изјави тој за германскиот весник „Велт“. Целта за сите земји членки на НАТО е годишно да инвестираат два отсто од својот БДП во одбраната.
Уште во 2014 година земјите членки на НАТО ветија дека ќе ги зголемат одбранбените распределби од најмалку два отсто од БДП до 2024 година и најмалку 20 отсто од буџетот за одбрана за опремата на вооружените сили.
„Претпоставувам дека ќе има нова цел за трошоците за одбраната кога ќе се сретнеме на самитот на НАТО во Вилнус во јули оваа година. Целта од два проценти беше за една деценија, така што до 2024 година, па сега треба да ја ажурираме“,
изјави Столтенберг за „Велт“.
Столтенберг рече дека сè уште не може да каже за што ќе се договорат земјите членки.
„Но, претпоставувам дека тоа ќе биде поамбициозна цел од претходно бидејќи сите гледаат дека треба да инвестираме повеќе“,
додаде тој.
Од руската инвазија на Украина во февруари минатата година, многу сојузници ги зголемија своите воени трошоци.
Македонскиот буџет за одбрана во 2023 година изнесува 274 милиони евра и е зголемен за 24,45 отсто во споредба со ланскиот буџет, односно државата за одбраната издвои 1,85 отсто од БДП.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, презентирајќи го буџетот за одбраната за 2023 година во декември минатата година, рече дека сме покажале дека ги почитуваме обврските и стандардите кои сме ги прифатиле како земја-членка на НАТО.
„Продолжуваме со динамиката на зголемување, а во 2024 година ќе го реализираме она што го презедовме како обврска, а тоа е во 2024 година издвојувањето за одбраната да изнесува 2 отсто од БДП. Задоволство ми е да ве информирам дека со предложениот буџет за 2023, за опрема и модернизација издвоивме 33 отсто од буџетот“,
изјави министерката Славјанка Петровска.