Од иницијативата посочуваат дека додека се развлекуваат постапките за изработка на нов план, наместо да се разработи најдоброто оценето решение од конкурсот, инвеститорите испраќаат барања за откуп на делови од државното земјиште во „Треска“ за дооформување на парцелите според урбанистички план кој, како што велат, е нелегален
„Потоа врз основа на сопственоста врз земјиштето тие ќе бараат да им се овозможи градење во обем кој ќе биде најмалку еднаков како оној од урбанистичкиот план со предвидените згради ‘наполитанки’. Тоа впрочем им го овозможува и последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање која нетранспарентно во мај годинава ја донесе министерот за транспорт и врски. Правилник кој им донесе мирен сон на инвеститорите“, додаваат оттаму
Откако вчера официјално започна расчистувањето на просторот на поранешната фабрика „Треска“, од граѓанската иницијатива Шанса за Центар реагираат дека шансите потенцијалот на „Треска“ да биде искористен се сè помали, а впечатокот од вчерашната прес-конференција на градоначалникот на Општина Центар е дека наместо квалитетно планирање на просторот се добива помирување и нормализирање на урбицидот.
„Помирување со планирањето на градот од страна на инвеститорите, а не на урбанистичките стручњаци. Помирување со спроведување на урбанистички планови кои се незаконски. Помирување со наследството од ‘лошите планови на ВМРО-ДПМНЕ’ против кои се протестираше. Нормализација на принципот дека јавниот интерес во планирањето на градот е работа на некој друг, а не на институциите. Нормализација на ставот дека местото на зеленилото е на планините, но не и во градовите. Помирување дека треба да живееме во натрупан град без доволно простор за движење и минимум квалитет на живот. Нормализација и предавство на правната држава, со принципот ‘важно се гради’“,
се наведува во реакцијата на Шанса за Центар.
Оттаму посочуваат дека идејата за изработка на Урбанистичко-архитектонски конкурс е да се врати вистинското значење и вредноста на струката планирање и проектирање, а дека самиот конкурс отвора можност за урбанистичко планирање со покреативни решенија, а не, како што велат, сурово шпекулантско-инвеститорско планирање и градење.
„Но, сегашната општинска власт со сите сили сака да ги оспори, па дури и да ги скрие од јавноста овие наградени конкурсни решенија кои требаше да бидат основа за нов ДУП за Треска. Измина речиси една година како актуелниот градоначалник одбива да организира јавна презентација на проектите добиени од конкурсот кои тој ги оквалификува како ‘неспроведливи’, иако зад нив стои стручна комисија“,
велат оттаму, додавајќи дека шпрекулантско-инвесторскиот урбанизам повторно победува, а Скопје ја губи можноста за зачувување на зеленилото.
Посочуваат дека додека се развлекуваат постапките за изработка на нов план, наместо да се разработи најдоброто оценето решение од конкурсот, инвеститорите испраќаат барања за откуп на делови од државното земјиште во „Треска“ за дооформување на парцелите според урбанистички план кој, како што велат, е нелегален.
„Потоа врз основа на сопственоста врз земјиштето тие ќе бараат да им се овозможи градење во обем кој ќе биде најмалку еднаков како оној од урбанистичкиот план со предвидените згради ‘наполитанки’. Тоа впрочем им го овозможува и последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање која нетранспарентно во мај годинава ја донесе министерот за транспорт и врски. Правилник кој им донесе мирен сон на инвеститорите“,
додаваат од Шанса за Центар.
Од иницијативата додаваат дека ваквите одлуки и изјави на актуелниот градоначалник кој вели дека моменталниот ДУП е важечки, притоа занемарувајќи го конкурсот за ново решение за „Треска“ е системско уништување. Притоа, како што посочуваат оттаму, јавноста сè уште ги нема добиено информациите за причините за пожарот кој избувна во април оваа година, а Обвинителството и системот затаија.
Претходно вчера започна расчистувањето на просторот на поранешната фабрика „Треска“, откако градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кажа дека до Општината стигнале 36 барања за издавање решение за отстранување објекти од кои досега се одобрени 13.
Отстранувањето на објектите, објасни тој, ќе го вршат самите сопственици, а за време на отстранувањето ќе бидат под надзор од страна на инспекциските служби за животна средина на Општината. Отпадот потоа ќе биде депониран во „Дрисла“ и ќе биде соодветно уништен.
Прашан дали расчистувањето на овој дел е со цел инвеститорите да го бетонираат просторот и да градат згради, Герасимовски кажа дека Општината прави напори да се донесе нов ДУП, со цел да се направи подобра урбанизација.
Тој напомена дека поради тоа што во моментов има важечки ДУП, а доколку во меѓувреме не се донесе нов, Општината ќе мора да го почитува законот и според тој ДУП ќе дава одобренија за градежни дозволи.