Прашан дали расчистувањето кај „Треска“ е со цел инвеститорите да го бетонираат просторот и да градат згради, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, кажа дека Општината прави напори да се донесе нов ДУП, со цел да се направи подобра урбанизација. Бидејќи во моментов има важечки ДУП, додаде тој, доколку во меѓувреме не се донесе нов, Општината ќе мора да го почитува законот и според тој ДУП ќе дава одобренија за градежни дозволи
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека градоначалникот Герасимовски со пари на Општина Центар расчистува парцели за приватни инвеститори да можат да градат „згради наполитанки“ на тој простор
Започна расчистувањето на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“, а чистењето, како што најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ќе се врши плански во неколку фази и би требало да се расчисти за неколку недели.
Најпрво, како што информира тој, ќе се отстранува опасниот отпад, азбестниот покрив, ќе се уриваат објектите, па ќе се отстранува кабастиот отпад, а крајот ќе се врши дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просторот.
До почетокот на месецов сите постапки биле во застој бидејќи, како што кажа градоначалникот, се чекала дозвола за почнување на активности од обвинителството кое постапуваше по утврдување на причините за пожарот што пред неколку месеци избувна во магацин кај „Треска“.
Герасимовски информира дека до овој момент во Општина Центар се пристигнати 36 барања за издавање решение за отстранување објекти од кои досега се одобрени 13. Отстранувањето на објектите, објасни тој, ќе го вршат самите сопственици, а за време на отстранувањето ќе бидат под надзор од страна на инспекциските служби за животна средина на Општината. Отпадот потоа ќе биде депониран во „Дрисла“ и ќе биде соодветно уништен.
„Град Скопје води постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З 11 – локалитети Буњаковец 1 и Буњаковец 2. Носењето на овој план ќе ја олесни процедурата за одвојување и донесување план само за просторот кај ‘Треска’ со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот. Ги повикувам и другите надлежни институции активно да се вклучат за негово поскоро донесување“,
рече Герасимовски.
Прашан дали расчистувањето на овој дел е со цел инвеститорите да го бетонираат просторот и да градат згради, Герасимовски кажа дека Општината прави напори да се донесе нов ДУП, со цел да се направи подобра урбанизација.
„Во моментов има важечки ДУП, имавме три години мораториум чија цел беше да се изменат ДУП, за жал, не се успеа, но правиме напори преку регулација да се одвои овој дел и да направиме подобар ДУП. Во моментов има доставено 15 барања за доофурмување на парцели и околу четири барања за градежни дозволи. Додека не ги издадеме сите 36 одобренија за расчистување на објектите ќе се закочи целиот процес. Не зависи од Општината Центар, но сигурен сум дека за брзо време ќе ја направиме измената на ДУП“,
нагласи Герасимовски.
Тој напомена дека поради тоа што во моментов има важечки ДУП, а доколку во меѓувреме не се донесе нов, Општината ќе мора да го почитува законот и според тој ДУП ќе дава одобренија за градежни дозволи.
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека градоначалникот Герасимовски со пари на Општина Центар расчистува парцели за приватни инвеститори да можат да градат на тој простор.
„СДСМ ветуваа дека просторот кај поранешната фабрика ‘Треска’ нема да се бетонизира, а сега гледаме како брутално со народни пари го спремаат просторот за изградба на нови згради кои ќе го задушат тој дел од градот. СДСМ со народни пари работи за приватни бизнис-интереси. Додека СДСМ беше опозиција во Општина Центар, велеа дека откако ќе дојдат на власт ќе ги сменат урбанистичките планови“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека СДСМ е десет години на власт во Центар и дека ја бетонизирале секоја слободна зелена површина.
Сè што е направено во овие десет години во Центар, посочуваат од партијата, е печатење дозволи за градба за нивната олигархија која на сметка на урбаниот простор прави милиони.
„Зградите наполитанки ќе се градат во Центар со потписот на СДСМ и Герасимовски“,
додаваат оттаму.
Од Општина Центар со демант одговорија на тврдењата од ВМРО-ДПМНЕ.
„Општина Центар нема потрошено ниту денар од општинската каса за чистење на отпадот во напуштената фабрика. Расчистувањето на објектите и опасните азбестни покриви од кругот на фабриката се вршат почитувајќи ги сите законски прописи и правила од страна општината, државните инспекторати и останатите надлежни институции. Градоначалникот и општината се водеа по Законот за сопственост и други сродни права, каде е регулирана приватната сопственост и обврските на истата. Жалиме што ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија во државата, не ги познава законите. Потенцираме дека во ниту еден случај градоначалникот Горан Герасимовски и Општина Центар не се обиделе да дејствуваат спротивно на законите и да донесуваат одлуки и решенија надвор од закон“,
се вели во писмената реакција, во која се наведува и дека Герасимовски и Општината се на располагање и се отворени за какво било појаснување, дообјаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна и се на штета на граѓаните.
Во април годинава просторот кај поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје беше проголтан од пожарот што изби во кругот на фабриката, при што беше зафатен магацин полн со пластични материјали, дрва, грмушки и отпад.
Тогаш од иницијативата „Шанса за Центар“, која со свои советници е застапена и во општинскиот совет, побараа институционална разрешница околу сомнежите за пожарот кај „Треска“, односно дали тој бил подметнат или не. Оттаму изразија сомнеж оти пожарот во кругот на фабриката е подметнат поради предупредувањата што ги даваа претходно околу можен развој на настаните поврзани со „Треска“, односно за урбанистичкото решение кое, како што посочуваа оттаму, нема да го штити јавниот интерес.