Доколку има потреба, додаде тој, наставата од двата работни дена што ќе се загубат поради продолжениот зимски распуст ќе се надоместат во јуни
Почетокот на второто полугодие од учебната година е одложен на 23 наместо на 18 јануари, заради подобро функционирање на училиштата, изјави денеска министерот за образование, Јетон Шаќири.
Доколку има потреба, додаде тој, наставата од двата работни дена што ќе се загубат поради продолжениот зимски распуст ќе се надоместат во јуни.
„Нема целосна работна недела, се работи за два односно три работни дена за одредени ученици. Требаше да се почне во среда, четврток е празник, да се продолжи во петок. Заради подобро функционирање на училиштата, одлучивме да се почне од понеделник“,
истакна Шаќири по потпишувањето на Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост.
Во однос на загубените наставни часови во првото полугодие во училиштата каде што беа пратени пораки за наводно поставени бомби, тој рече дека онлајн настава не е решение на проблемот бидејќи учениците повторно ќе треба да се вратат во училиштата и очекува сторителите да бидат откриени.
„Затоа инсистирам докрај за физичко присуство на настава и побрзо да се најдат виновниците за лажните дојави за бомби“,
изјави Шаќири.
Владата на седница одржана на 10 јануари, на предлог на МОН, донесе одлука, второто полугодие од оваа учебна година да почне на 23 јануари (понеделник) со физичко присуство на учениците.
„Во образложението од Министерството за образование и наука е наведено дека зимскиот распуст се продолжува заради заштеда на греење и заштита на здравјето на учениците“,
соопштија од владината прес-служба.