Одлуките што ги носат властите во Северна Македонија, се наведува во реакцијата, се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Од бугарското МНР велат дека тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително и за оние кои се дефинираат како Бугари
Реакцијата на бугарското МНР се однесува на одлуките на владината Комисија за употреба на лични имиња, на министерот за надворешни работи Кренар Лога во врска со негативното мислење за употребата на името на Иван Михајлов во именувањето на бугарското здружение во Битола, како и за одлуката на Централниот регистар во однос на здружението „Цар Борис Трети“
По вчерашните одлуки на македонското Министерство за правда и на Централниот регистар во врска со именувањето на здруженијата „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, со реакција се јави бугарското Министерство за надворешни работи. Оттаму велат дека со зголемена загриженост ги следат случувањата во Северна Македонија поврзани со „обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите“ во земјава.

Во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија, објавено на нејзината официјална интернет-страница, е наведена ретроспектива на одлуките на владината Комисија за употреба на лични имиња, на министерот за надворешни работи Кренар Лога во врска со негативното мислење за употреба на името на Иван Михајлов во именувањето на бугарското здружение во Битола, како и за одлуката на Централниот регистар во однос на здружението „Цар Борис Трети“.
„На 16 март годинава Комисијата за употреба на лични имиња во Северна Македонија даде негативно мислење за употребата на името на Иван Михаилов од страна на здружението Центар за култура ‘Иван Михаилов’ – Битола. Врз основа на ова решение, министерот за правда Кренар Лога потпишал решение со кое барањето за добивање одобрение за употреба на името Иван Михаилов е одбиено со причините наведени во мислењето на Комисијата. Истовремено, Централниот регистар во Северна Македонија соопшти дека донел решение со кое е одбиено барањето за помирување за името на здружението ‘Цар Борис Трети’ од Охрид“,
се наведува во реакцијата на бугарското МНР.
Одлуките што ги носат властите во Северна Македонија, се наведува понатаму, се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата.
Од бугарското МНР велат дека тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително и за оние кои се дефинираат како Бугари.
„Потсетуваме дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија за повреда на членот 11 од Европската конвенција за човекови права (право на здружување). Во одлуката на судот се наведува дека името на здружението ‘Радко’ (псевдоним на Иван Михаилов) само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред“,
се наведува во реакцијата.
Повикувајќи се на јавно достапни информации, бугарското МНР го коментира и тоа што Централниот регистар на Северна Македонија до Министерството за правда достави список со 17 000 здруженија на граѓани во земјава, а негативни мислења за користење на имињата избрани од нивните основачи добија само „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“.
„Овој факт покажува дека набрзина донесените и без јавна дискусија измени во Законот за здруженија и фондации, со можност за ретроактивна примена, се направени со една единствена цел, а тоа е бришење од Централниот регистар на две организации на Бугарите во Северна Македонија“,
велат од Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Настаните од вчера, според бугарското МНР, уште еднаш ја покажуваат потребата од постигнување на објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија. За таа цел, посочуваат оттаму, беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
„Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи. Според Записникот од состанокот на Мешовитата меѓувладина комисија потпишан на 17 јули 2022 година, формиран врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, Северна Македонија се обврза да преземе мерки за да обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во земјата. Бугарија ќе го следи спроведувањето на преземените обврски“,
се вели на крајот од реакцијата на бугарското МНР.
Измените на Законот за здруженија и фондации врз основа на кои надлежните институции вчера ги донесоа одлуките за двете бугарски здруженија беше донесен во Собранието на почетокот на ноември минатата година со поддршка на пратениците од власта и од опозицијата. Според измените, се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл.
Здруженијата чии имиња не беа усогласени со измените на Законот имаа рок до 16 февруари да поднесат барања до Централниот регистар за нивно преименување. Вакво барање до Регистарот достави здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, но не и битолското „Иван Михајлов“.
Вчера на седница, владината Комисија за употреба на лични имиња донесе негативно мислење за употребата на името на Иван Михајлов, оценувајќи го како провокација за националните чувства на македонскиот народ.
„Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека именувањето на здружението ‘Иван Михајлов’ е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“,
соопштија од Министерството за правда.
Врз основа на мислењето на Комисијата, министерот за правда Кренар Лога го одби како неосновано барањето на бугарското здружение Културен центар ,,Иван Михајлов“ – Битола за употреба на ова име во својот назив.
Во врска со „Цар Борис Трети“, Централниот регистар донесе решение со кое го одби барањето за преименување на здружението, бидејќи, како што информираа оттаму, здружението не ги доставило навреме сите потребни документи.