Наспроти плановите на старо-новиот премиер, чиј втор кабинет засега стартува со поддршка од само 62 пратеници, опозицијата, заканувајќи се со масовни демонстрации, од самиот почеток, ѝ предвидува кус рок на траење на обновената коалициска Влада на СДСМ и на ДУИ
Десеттиот собраниски состав на полноќ се очекува да ја избере втората Влада на Зоран Заев, на крајот 10 седница, која почна вчера, а на чиј дневен ред единствена точка се предлозите за нови министри и програмата за работа на извршната власт во периодот до следните редовни избори кон средината на 2024 година.
Во претходниот мандат, Заев беше премиер 2,5 години, поради одолговлекувањето на формирањето на претходната влада, а потоа и поради првичното закажување на годинешниве предвремени парламентарни избори на 12 април, за потоа, поради корона – кризата, гласањето да се пролонгира за цели три месеци, со што се продолжи и мандатот на техничката влада.
Во претходниот мандат; Заев постојано најавуваше дека неговата Влада ќе го истера целиот мандат и дека ќе заврши практиката на постојани вонредни избори. Но тие планови паднаа во вода кога Северна Македонија, во октомври минатата година, не доби „виза“ за старт на преговорите со ЕУ. Веднаш потоа беа договорени предвремените избори, што, по многу перипетии и предизвици, на крајот се одржаа на 15 јули годинава, откако беше надмината и причината за нивното закажување во вонреден рок.
Заев и овој пат настапува со амбиција неговиот втор кабинет, во кој засега има 19 министри да го истера целиот манфдат – до 2012 година. Во тој период, владата што ќе биде избрана ноќеска, според вчерашното експозе на мандатарот, би затворила 80 проценти од поглавјата од преговорите со ЕУ, би обезбедила економски раст од 4 проценти, би спровела темелно прочистување и реформи во правосудството, но и во администрацијата…
Но, наспроти плановите на Заев, чиј кабинет засега стартува со поддршка од само 62 пратеници, опозицијата, од самиот почеток, ѝ предвидува кус рок на траење на старо-новата коалициска Влада на СДСМ и на ДУИ.
И додека актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, која влегува во втората опозициска етапа, по претходното 11-годишно владеење во земјава, се заканува со масовни протести против се уште неизбраната влада на Заев, поранешни функционери на партијата се погласно бараат Христијан Мицкоски да понесе одговорност за резултатот од изборите на 15 јули, кој овозможи континуитет во владеењето на СДСМ и на ДУИ.