Во вежбата ќе учествуваат околу 1 850 припадници на четири НАТО-армии – САД, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, како и една земја партнер, Косово

Во периодот од 22 мај до 2 јуни на армискиот полигон „Криволак“ ќе се реализира вежбата „Брз одговор 23“ која е дел од најголемата мултинационална вежба во Европа оваа година „Дифендер Јуроп 23“ (Defender Europe 23).
Вежбата „Брз одговор 23“ ќе се изведува во осум земји во регионот, меѓу кои Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.
Во вежбата, како што денеска информира министерката за одбрана Славјанка Петровска, ќе учествуваат околу 1 850 припадници на четири НАТО-армии – САД, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, како и една земја партнер, Косово.
Дополнително, Армијата на Северна Македонија со околу 130 припадници ќе учествува во реализацијата на оваа вежба и во Германија, Словенија, Хрватска, Косово и Албанија.
Целта на вежбата, велат од Министерството за одбрана, е подобрување на воените способности и интероперабилноста на сојузниците и партнерите. Преку изведување здружен опсег на операции, мисии и активности, вежбата ќе влијае на подобрување на брзината на дејствувањето и усогласување на оперативните процедури.
Од Министерството велат дека преку изведување на активностите на вежбата, Армијата на Република Северна Македонија ќе оствари повеќе придобивки како споделување знаења и вештини, подобрување на способноста на нашите армиски единици за изведување на големи вежбовни активности со сојузниците на повеќе локации и региони.
Исто така, изведувањето на вежбата е и за проверка на подготвеноста и меѓусебната оперативна синхронизираност низ широк спектар на речиси симултани операции кои се изведуваат во повеќе региони, зголемување на интероперабилноста со сојузниците на сите нивоа во изведување на операции, потврдување на можностите на нашите армиски капацитети за изведување на секаков вид вежбовни активности и употреба на најсофистицирани воени средства, како и демонстрирање на моќта и единството на НАТО Алијансата за одржување на безбедноста на секоја педа сојузничка територија и една милијарда луѓе во светот.
„Единиците ќе користат своја формациска опрема и вооружување, а како дел од опремата се оклопни возила ‘хамви’, борбени хеликоптери ‘апачи’, транспортни и медицински хеликоптери ‘Блек хок’ и ‘Чинук’, транспортен хеликоптер „ми 8/17“ и артилериски орудија хаубици и минофрлачки”,
информираат од Министерството за одбрана.
Во текот на вежбата на „Криволак“, министерката Петровска рече дека ќе биде презентиран и проектот „ОРИГИН“ кој претставува платформа за тестирање и демонстрација на нови технологии, односно автономно, копнено роботско возило на Командата за развој на воените способности на САД.
Од Министерството за одбрана дополнуваат дека поради заштита на животната средина, во соработка со универзитетската лабораторија АМБИКОН на штипскиот универзитет е организирано мерење на суспендирани честички на армискиот полигон „Криволак“ за целото време на вежбата.