Чешката полиција се сомнева дека уапсените организирале патувања на чешки граѓани во украинскиот регион Донбас, каде што учествувале во борбите на страната на проруските сепаратисти, како дел од паравоените единици, токму по наредби на ГРУ, а кои пристигнувале преку руската амбасада во Прага
Чешката полиција синоќа почна голема акција, во која, според чешките медиуми, се уапсени над 10 чешки државјани, кои работеле по налог на агенти на руската ГРУ, тајна воено-разузнавачка служба, која стои зад хибридни воени операции низ целиот свет.
Во ноќната акција на апсења учествувале стотици полицајци и припадници на чешките безбедносни сили.
Чешката полиција се сомнева дека уапсените организирале патувања на чешки граѓани во украинскиот регион Донбас, каде што учествувале во борбите на страната на проруските сепаратисти, како дел од паравоените единици, токму по наредби на ГРУ, а пристигнувале преку руската амбасада во Прага.
Чешка во саботата протера 18 руски дипломати, прогласувајќи ги за припадници на тајните служби.
Зад одлуката на чешкиот премиер Андреј Бабиш за протерување на руските дипломати стои откривањето на серијата мистериозни експлозии што се случија во складиште за муниција есента во 2014 година во местото Врбетице, на 330 километри југоисточно од Прага.
За експлозијата прво се сметаше дека е несреќен случај. Но, како што објавија чешкиот премиер Андреј Бабиш и министерот за надворешни работи Јан Хамачек, за време на прогонот на руските дипломати и наводните шпиони, сега чешките власти се сомневаат дека зад експлозиите стои руската воено-разузнавачка служба.
„Постои основано сомнение за вмешаност на офицер на руската разузнавачка служба ГРУ, единица 29155, во експлозијата на складиштето за муниција во областа Врбетице“,
рече Бабиш на состанокот пренесуван во живо на телевизија.
Русија веќе во понеделникот одговори со протерување дваесет чешки дипломати.