Не смее да се дозволи цела генерација да ја повтори годината, само затоа што некој во Владата не седнал и не размислил за начин и методологија како да ја заокружи учебната година, вели Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, електронското учење не е новина и треба да се применуваат алатките што се користат во современиот свет. Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат десет мерки меѓу кои и укинување на државната матура во сите средни училишта.
„Полагање матура може да биде организирано само за оние ученици кои имаат потреба од тоа, но таа да се полага во септември. Школската година да заврши на 10 јуни. Учениците да се оценат со средна оцена изведена од успехот на учениците во претходното полугодие, условено со завршени домашни задачи во периодот на вонредната состојба. Укинување на законските ограничувања за просечен успех кои се бараат за упис на повисока година во некои средни стручни училишта. Контролирано одвивање на учење и домашни задачи во домашни услови, да бидат ефектни и суштински без непотребно оптоварување на учениците“,
рече Серафимовска образложувајќи ги мерките.
Таа побара и интензивирање на ТВ-програмите со образовна содржина на сите јазици, воведување на летен семестар за учениците со посебни потреби, обуки за изведување и следење на онлајн-настава за наставници и родители, како и мапирање на ученици од социјално ранливи категории.
„Високообразовните институции да размислат целокупниот процес на упис на нови студенти да го организираат по електронски пат. Најважно во моментот е учениците и студентите да бидат без страв дека една година ќе им пропадне заради неорганизираност на власта. Учебната година мора да биде заокружена успешно. Затоа бараме итно усвојување на предложениве мерки“,
рече Серафимовска.