Прашан дали смета дека мерката е задоцнета, со оглед на тоа што во семејствата има и деца кои веќе се тргнати на училиште, Дурмиши во одговорот прво рече дека со оваа мерка излегуваат во пресрет на угостителските капацитети, но и дека ги помагаат семејствата
Ваучери за одмор денеска добија 1 777 семејства кои имаат ниски приходи. Ваучерите, во висина од 18 илјади денари, што ги добија лицата треба да се искористат од 15 септември до 1 декември годинава во домашните туристички капацитети во некој од угостителските објекти за сместување кои се пријавиле во Министерството за економија и труд.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, чија институција ги дава ваучерите, вели дека целта на оваа мерка била да им се овозможи на лицата со ниски приходи да можат да ги посетат домашните туристички центри и истовремено да им се помогне на домашните туристички капацитети да го зголемат обемот на работа надвор од туристичката сезона.
„Ваучерите се доделуваат на сите физички лица што се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50 илјади денари“,
рече Дурмиши на денешната прес-конференција, на која им додели ваучери на 10 лица кои први се пријавиле на јавниот повик.
За оваа мерка се предвидени 32 милиони денари, средства за кои Дурмиши вели дека се обезбедени со ребалансот на буџетот.
На новинарско прашање дали смета дека мерката е задоцнета, со оглед на тоа што во семејствата има и деца кои веќе се тргнати на училиште, Дурмиши рече дека не е задоцнета.
Неговиот одговор прво беше дека со оваа мерка излегуваат во пресрет на угостителските капацитети, но и дека ги помагаат семејствата.
„Мерката не е задоцнета поради тоа што ова ќе излезе во пресрет на угостителските капацитети, ќе им помага на нив да добијат повеќе приходи и покрај тоа што поминува сезоната. Но, и тие семејства кои се со ниски приходи, кои ни се најзначајни, ќе може да ги употребуваат овие мерки“,
рече Дурмиши.
Решенијата за граѓаните кои аплицирале, ги исполниле условите согласно јавниот повик, се потпишани, согласно принципот прв дојден – прв услужен.
Списокот на хотели и победнички лица, Дурмиши рече дека може да се видат на веб-страницата на министерството.