Прашан кому припаѓаат печатите на партијата, Села вели, најдобар „печат“ на партијата е гласот на делегатите на Конгресот, кои се потпишале за Таравари да биде разрешен од функцијата претседател на партијата
Зиадин Села, чие крило од партијата Алијанса за Албанците настапуваше во коалицијата „Европски Фронт“, денеска пред почетокот на Собранието на партијата изјави дека уште се чека исходот во однос на тоа кому припаѓаат печатите на партијата, нему или на Арбен Таравари.
Според Села, најдобар „печат“ на партијата е гласот на делегатите на Конгресот, кои се потпишале за Таравари да биде разрешен од функцијата претседател на партијата.
„Вие сте ги слушнале изјавите на Тараври дека вршиме притисоци. Јас прашувам кој е тој што врши притисоци? Алијанса за Албанците не врши притисоци. Таравари тврдеше дека партијата не е печатот, седиштето или возилата кои ги има партијата, туку народот. Сега, кога ги загуби и членството и народот преку гласови, и на претседателски и на парламентарни избори, кога загуби во неговата Општина, на неговото гласачко место, вели дека ги имал печатите на партијата. Оваа партија не е формирана од фотељи. Оваа партија е формирана преку членството на партијата, преку активизам во секое село, населба…“,
изјави Села пред почетокот на централното Собрание.
Тој дополни дека фактот што во програмата на Владата немало ниту еден збор од програмата на „Вреди“, докажува дека Алијанса за Албанците не е во коалиција со „Вреди“, туку таму бил само Таравари.
Села додаде дека целта е Таравари да стане министер за здравство и да ги остварува неговите лични интереси и интереси на луѓе кои го опкружуваат.
„Неговата цел е да биде само Арбен Таравари и никој друг. Можеби се движи во насока да биде потпретседател на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тоа е негов личен избор. Алијанса за Албанците секогаш кога била дел од власта, но и во опозиција, знаела да остварува делови од политичката платформа“,
изјави Села.
Прашан од новинарите колку се единствени пратениците на Алијансата за Албанците и какви се односите со ДУИ, Села одговори дека Алијансата за Албанците е соединета, а сите пропаганди и спинови кои се пишувале во порталите, имале за цел да внесат недоверба во партијата.
„Пратениците на Алијанса за Албанците се тука. Алијанса за Албанците е соединета. Сите овие пропаганди и спинови кои се пишуваат во порталите имаат за цел да внесат недоверба меѓу нас. Ние сме навикнати на вакви специјални војни кои се прават меѓу нас, бидејќи и во минатото имаше такви муабети, дека од Алијанса за Албанците ќе излезе овој или оној пратеник. Во тоа ништо немаше вистина, и за жал излезе претседателот на партијата“,
рече Села.