Во 2012 година државата предвиде на секои 3.000 жени постари од 14 години да има по еден гинеколог во примарната здравствена заштита. Седум години подоцна три града во Македонија немаат ниту еден.
„Јас сум родена во Крушево, како и многу мои сограѓани, меѓутоа, јас своите деца ги родив во Прилеп. Значи, гинеколози, во нашата здравствена установа, во општина Крушево, немаше од кога јас знам за себе“ – вели Лефкија Гажоска од Крушево.
Во некои градови во кои ги има, гинеколозите се пренатрупани со пациентки. А и од нив, половината ќе одат во пензија во следните 15 години.
„Ова е најголемата закана во државата во моментов и тука треба итна реформа, мерки кои ќе го надополнат кадарот, кој заради возрасната граница нема веќе да биде на располагање“, истакнува Елизабета Божиновска од невладината организација „Хера“.
Каде недостасуваат гинеколози во Македонија и зошто ги нема?
Крушево е град со околу 5000 жители и е жив споменик на првата Република. Не само поради автентичната архитектура туку и поради здравствената заштита својствена за почетокот на претходниот век. Крушевчанки немаат ниту постојан ниту привремен гинеколог и покрај долгогодишните барања на јавната здравствена установа до министерството за здравство.
„Еве еден пример – и да имаме гинеколог кој што ќе доаѓа еднаш или два пати во месецот во Крушево, тој прави само преглед, додека терапијата која што ќе ја препише или натамошниот начин на лекување, дефинитивно, треба пак да биде проследен кај матичен гинеколог“, вели Лефкија Гажоска од Крушево.
„Во здравството, јас колку што знам, најбитен момент ви е превенцијата. Без превенција, после и за самиот човек потешко и поскапо за самото здравство.Читав едно интервју со доктор во Словенија, ракот на грлото на матката се третира како излечива болест, кај нас од таа болест умираат и млади девојки“ – смета Татјана Илиеска, жителка на Крушево.
Причината што Крушево нема гинеколог е економската исплатливост. Уште од 2007-та година кога е извршена целосна приватизација на избраните гинеколози во Р.Македонија, во Крушево не се пријавил ниту еден заинтересиран специјалист по гинекологија и акушерство, кој би ја вршел функцијата на матичен гинеколог во градот.
Немањето матичен гинеколог во градот, според локалниот младински совет, придонесува лицата под 25 години да не покажуваат проактивност за своето здравје. Особено кога станува збор за мала средина.
„Со оглед на тоа што веќе од помала возраст, младите се решаваат да стапуваат во сексуален однос со својот партнер, во мало место се се разбира, дознава, па можеби една од причините, според мене, за ниската посетеност на младите на преглед е токму тоа, што ќе кажат другите, стравот од околината“, вели Билјана Стојаноска од локалниот младински совет.
Од вкупно 30 здравствени региони во земјата, освен во Крушево, матичен гинеколог воопшто нема и во Македонски Брод и Демир Хисар, покажува ново истражување на невладината организација ХЕРА. Националниот стандард од 3.000 жени постари од 14 години на еден гинеколог е исполнет само во 12 региони. Во останатите 15 региони има пренатрупаност.
Рекордер е гинеколог од Тетово кој има близу три пати повеќе пациентки од предвиденото или 8.679.
„Напорот е голем, нормално дека бројката е респектабилна, но поради недостаток на гинеколози воопшто во државата сепак тие пациенти треба а бидат услужени така да намамени ни можност, ни како, ни зошто да не ги регистрираме“ – смета д-р Арјан Алили, специјалист по гинекологија и акушерство.
Но, иако на терен недостасуваат, на хартија Македонија има поголем број гинеколози и од развиени европски земји, но се лошо распоредени.
Од една страна, 143-цата гинеколози во примарната здравствена заштита се едвај половина од потребното. Од друга страна, во секундарната здравствена заштита има 98 гинеколози што е три пати повеќе од утврдениот демографски стандард.
„Како во регионите каде што нема доволен број на кадар и обратно, доколку ги има на секундарно, ги нема на примарно, ние ќе ги опслужуваме регионите, односно самите градови, урбани и рурални средини? И тоа може да се случи само со искористување на вкупниот потенцијален кадар, којшто во моментов, кадарот што е на терциерно и на секундарно ниво не се користи, а го имаме на располагање и тоа може да се стави во употреба во многу скора иднина“ – истакна Елизабета Божиновска од „Хера“.
За примарното здравство да биде примамливо за гинеколозите, од нивното здружение велат дека се потребни стимулативни мерки. Бидејќи малите средини им се економски неисплатливи.
„Решението можеби би било во заеднички договор на државните институции, фондот, министерството, со матичните гинеколози, коишто се од регионот, до оние градчиња кај што нема матичен гинеколог, да се изнајде некој начин, со договор, стимулативен за колегите, да одредени денови во неделата ја обавуваат својата пракса и во тие средини“ – вели д-р Душко Филиповски.
Каде и да се бара решението, мора брзо да се најде. Иако дополнителен проблем е фактот што една третина од гинеколозите во земјава се на возраст над 60 години, додека севкупно половината се на возраст помеѓу 50 и 60 години. Заклучокот е дека просечно во следните 15 години, 7 до 8 гинеколози ќе одат во пензија, ако 65 години се смета за старосна граница.
„Ова е најголемата закана во државата во моментов и тука треба итна реформа, мерки кои ќе го надокнадат кадарот, кој заради возрасната граница нема веќе да биде на располагање“ – предупредва Божиновска.
„Во последните 6 до 7 години, ние имаме само одлив на гинеколози, но прилив немаме никаков. Ако ова продолжи така, може да стане сериозен проблем“ – смета д-р Филиповски.
„Треба да се направи некоја стратегија, за да може да има нови гинеколози, кои ќе ги заменат пензионираните, за да продолжи истото темпо, за да има опфатеност на регионот со доволно гинеколози“ – вели д-р Арјан Алили.
Додека се чека решение, неодамнешно истражување на друга невладина организација „ЕСЕМ“ покажа зголемена смртност од рак на грло на матката. Во секоја следна од последните пет години, од оваа болест починале 6% повеќе жени. Превентивниот преглед на гинеколог, што е и национална програма, може да значи живот, ако има каде да се направи.
Напишете коментар