Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во вечерашното интервју за „360 степени“ рече дека со колегите од партиското семејство е искрена кога согледува дека се појавуваат проблеми. Ова го прокоментира Шекеринска на прашањето околу аудиоснимката од затворениот дел од конгресот на СДСМ, која се појави на социјалните мрежи.
„Јас сум човек кој што и со совите политички противници сум многу отворена, но најотворена сум со моите политички пријатели и колеги. Мислам дека првото нешто што им го должам на моите колеги, на мојата држава, на нашите институции е да бидеме отворени но не само кога е добро. Оти кога е добро сите се отворени и сите велат браво, туку кога има некои проблеми да зборувам за тие проблеми. Некогаш ќе го прескокнам ‘бравото’, но проблемот не го прескокнувам. Тоа го правам и денeска и пред се во кругот на партиското семејство. Не сум од оние кои со едни очила гледаат кога се на партиска функција, а со други кога не се и буквално се водам од тоа што гледам на каде одат работите“,
рече Шекеринска.
Таа вели дека како Влада за многу кратко време од држава од која сите се откажале, успеале да ја внесат во НАТО.
„Сметам дека навистина за кратко време за некои работи во државата успеавме да направиме чудо. Од државата за која никој веќе не се грижеше, се изгуби надеж, да успеете да направите членка на НАТО, да успеете државата на ‘Фридом хаус’ да биде единствената која има позитивни резултати… Јас навистина сум човек кој мисли дека слободата е важна работа оти навистина без тоа нема ништо друго да функционира“,
додаде Шекеринска.
Според неа, сега системот функционира, бидејќи се покренуваат постапки и против актуелни функционери за кои има основано сомнение за одредени дела. На прашањето, околу случајот со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, таа вели дека обвинителството сега си ја работи својата работа што не било случај за време на претходната власт.
„Демократијата не е систем во кој луѓето се безгрешни, а судовите да постојат теоретски. Затоа постојат судови и во најбогатите, најразвиените земји и најдемократските држави. И примерот кој го кажувате е едно од тие чуда. Како можеше ние кога бевме опозиција цели шест месеци да пуштаме ‘бомби’ од кои не еден туку 1001 предмет можеше да се отвори и никој во Јавното обвинителство ништо не почна да работи. А сега ова што го кажувате, покажува дека системот функционира“,
рече Шекеринска.