Прашан за пораките кои доаѓаат од западноевропските партнери на земјата дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и колку брзо може да се очекува да се решат уставните измени, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ во своите фундаменти ги вклучува амбициите Македонија да биде дел од ЕУ, но мора, како што потенцира, Брисел да покаже јасен план и активности за македонската интеграција, за да се види колку е блиска, а колку е далечна европската иднина на земјава

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека доколку уставните измени се услов за соработка во идната влада тогаш тој и неговата партија не функционираат врз основа на закани и уцени.
Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на изборите, а по нивното завршување ќе се седне на маса со опозициските партии.
„Ставот мој и на ВМРО-ДПМНЕ е дека не функционираме под закани и уцени. Нека завршат изборите, па ќе дискутираме за многу работи“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија.
На прашањето дали разговарал со сите претставници на коалицијата „Вреди“, Мицкоски уште еднаш повтори дека сега ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на парламентарните и вториот круг претседателски избори.
„Веднаш после тоа откако резултатите ќе бидат готови ќе седнеме и ќе разговараме со сите политички партии во Македонија коишто се опозициски. Она што го кажавме е политичко-општествен консензус којшто нас ни е многу важен против владините партии во моментот. Она што го кажав на прес-конференцијата на 24 април можам повторно да го потврдам. Разговаравме со Арбен Таравари, му честитав за исклучително добриот резултат што го оствари на изборите имајќи предвид кој беше противникот од другата страна во делот на владините кандидати, тука мислам на Стево Пендаровски и Бујар Османи. Ценам дека во овој момент треба да останеме фокусирани за тоа кое претставува основна цел, а тоа е победа на претседателските и парламентарните избори“,
рече Мицкоски.
Прашан за пораките што доаѓаат од западноевропските партнери на земјата дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и колку брзо може да се очекува да се решат уставните измени, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ во своите фундаменти ги вклучува амбициите Македонија да биде дел од ЕУ, но мора, како што потенцира, Брисел да покаже јасен план и активности за македонската интеграција, за да се види колку е блиска, а колку е далечна европската иднина на земјава.
„Токму така. Местото на Западен Балкан вклучително и на Македонија е во рамките на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ, како политичка партија, во своите фундаменти ги вклучува овие амбиции Македонија да биде дел од ЕУ. Жалам што многупати досега голем дел од бирократите кои доаѓаа од Брисел даваа ветувања кои понатаму не ги исполнуваа, кога не убедуваа дека уште ова треба да го направи Македонија и веднаш ќе ја почувствува таа европска иднина. Јас би очекувал малку повеќе сериозност од страна на луѓето кои ги испраќаат тие пораки. Јасен план, јасен гантограм на активности и да видиме колку е блиска, а колку е далечна таа европска иднина, имајќи предвид дека повеќе од две децении трае овој пат на Македонија кон ЕУ“,
додаде тој.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена како идна влада да преговара врз основа на Копенхашките критериуми и врз основа вредностите дефинирани од Де Гаспер, Аденауер и Шуман.
Во врска со можното коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Вреди“ денеска коментираше и лидерот на Демократското движење кој е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, Изет Меџити, кој рече дека се заинтересирани да придонесат и да бидат фактор за влада која ќе биде европски ориентирана.
За тоа дали уставните измени би можеле да бидат препрека да се реализираат овие планови, Меџити не даде конкретен одговор на ова прашање, само рече дека нивниот став е јасен за евроинтеграциите.