Седум припадници на Армијата утре ќе се вратат од Авганистан во нашата земја, соопшти Министерството за одбрана, посочувајќи дека и тие ќе бидат испратени во карантин од 14 дена.
„Припадниците на Армијата се очекува утре во вечерните часови да пристигнат и потоа да бидат транспортирани до нашата земја. По нивното пристигнување согласно препораките од Владата и од Министерството за здравство ќе бидат упатени во двонеделен карантин кој е задолжителен за сите граѓани кои се враќаат од странство“,
велат од Министерството за одбрана.
Војниците се во Авганистан како дел од мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“. Тие ќе се вратат со специјален лет на хрватската компанија „Кроација ерлајнс“, кој го организира хрватската влада за нивните 11 војници кои се дел истата мисија. Од Хрватска, македонските војници ќе бидат транспортирани во земјава каде што директно ќе бидат ставени во карантин.