Ваква анархија не сум видела, особено не од телото кое е највисоко на рангот на судската пирамида и од кое се очекуваат многу резултати. Токму поради тоа ни е довербата четири проценти, рече Дамева
Седум члена на Судскиот совет, предводени од заменик-претседателот Селим Адеми, гласаа „за“ разрешување на актуелната претседателка Весна Дамева.
По неколку часа караници на денешната седница, Адеми сам го стави предлогот на гласање.
„Од причина што претседателката нема смелост да го стави на гласање, јас предлагам мојот предлог да биде на гласање со кревање рака. Кој е за разрешување на претседателката Весна Дамева да крене раце“,
рече Адеми.
Додека се броеја гласовите, Дамева порача: „Јас не учествувам во ова, одлуката нема да ја потпишам“.
Адеми потоа рече дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата, па за утре во 11 часот закажа нова на која ќе се избере нов претседател.
Дамева, пак, рече дека ова е противзаконски и додаде некои лица од политиката ќе бидат задоволни.
„Благодарам многу, ме спасивте, ако е тоа последното, бидејќи ова одлука ќе биде противзаконска, но очигледно треба да бидат исполнети некои желби. Одлука донесена на ваков начин во присуство на претседател на Судски совет со гласање од седум гласа каде што нема ниту предвидено основа за разрешување на претседател, а особено нема и број на гласови со кои се носи одлуката, заменик-претседател си зема за право да констатира престанок на функцијата претседател на Судски совет со што го одзема мандатот. Јас навистина не знам ова како ќе заврши освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако во успеат ова. Јас не се откажувам, битката продолжува и многу работи може да бидат уште полоши“,
рече Дамева, што може да се забележи во видеото кое го објави „Макфакс“.
Присутните новинари ја прашаа што ќе преземе сега, а таа одговори дека ќе види бидејќи ова што се случува е анархија и се плаши дека излегло од контрола.
Откако повторно спомена дека имало задолжителни напатствија денеска таа да биде разрешена, а новинарите ја прашаа кој е тој што го наредил таа, Дамева одговори:
„Не можам, искрено изненадена сум. Вакво недемократско однесување, ваква анархија јас не сум видела особено не од телото кое е највисоко на рангот на судската пирамида и од кое се очекува многу резултати. Токму поради тоа ни е довербата четири проценти“.
Пред да дојде до разрешување на Дамева, седницата се одвиваше во тензична атмосфера во која заменик-претседателот ја прозва дека го криела писмото од амбасадорката на САД, Анџела Агелер, од другите членови и обвини дека го блокирала изборот на судии во Апелација.
Дамева се бранеше дека била на одмор кога пристигнало писмото, обвини дека целта на некои членови е денеска таа да биде разрешена заради нечии интереси.
За тензијата во Судскиот совет во пресрет на денешната седница вчера пишуваше и порталот „Сакам да кажам“ во текст во кој наведе дека веќе една недела имало иницијатива за одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети за кого беше констатирано дека девет месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.
Пред неколку дена, според информациите од порталот, на колегиум во Судскиот совет иницијативата била блокирана од членови предводени од заменик-претседателот Селим Адеми и членот Миљазим Мустафа, кои барале место иницијативата да оди веднаш на седница и веднаш да се формира тричлена комисија, како за другите судии за кои досега се барало одговорност, таа времено да се стопира.
Судијата периодов беше и кандидат за врховен судија, но првиот обид за избор пропадна кога ниту тој ниту останатите кандидати не добија доволно гласови. Порталот пишува дека група членови на Советот предводени токму од Адеми, сепак, притискаат Беџети по секоја цена да стане врховен судија.